Јовева: Македонија заслужува фер пристап – Европа да стои зад своите зборови

Foto: Denis Lomme, European Union 2025


Словенечката европратеничка Ирена Јовева, препознатлива по својот директен стил и недвосмислен став дека политиката мора да биде поткрепена со дела, а не со празни ветувања, испраќа силна порака до европските институции: Македонија заслужува фер третман и јасни, писмени гаранции. Во разговорот за нашата редакција, таа нагласува дека европската политика не е простор на апсолутни сигурности, но затоа одговорноста на лидерите е уште поголема. „Ако Европа бара храбри чекори од Македонија, тогаш мора и самата да покаже храброст – без нови билатерални условувања и со доследно почитување на даденото“, истакнува Јовева, додавајќи дека Македонија треба да настапи внимателно, но пред сè самоуверено и европски.

РАЦИН: Вашиот говор во Европскиот парламент беше оценет како историски во Македонија. Дали очекувавте толкав одѕив? Дали мислите дека Европската Унија низ годиниве подобро го разбра македонското прашање, или повеќе го третира како административен проблем?

Јовева: Навистина не размислував каков ќе биде одѕивот. За мене беше важно да кажам некои работи директно и, пред сè, искрено. Сакав да им ставам до знаење на сите скептици, а особено на сите манипулатори – за жал, ги има многу во политиката – дека некои работи едноставно не можат да се менуваат според нивните сопствени интереси. Беше потребно јасно и одлучно да се каже она што е игнорирано предолго – и тоа воопшто не е игнорирано поради ставовите на Европскиот парламент, туку поради веќе споменатите манипулатори. Македонската држава има европска иднина, а на нејзиниот народ не му треба дозвола од никого за да постои – ниту од ЕУ, ниту од Бугарија, ниту од никој друг.

Сепак, признавам дека не очекував толку силни одзиви и толку многу позитивни. Тоа секогаш ме допира лично и особено ги ценам реалистичните ставови поврзани со овој говор, бидејќи само дополнително ми потврдува дека не бил залуден. Зборував како евро-пратеничка, но истовремено и како некој што разбира дека идентитетите не се прашање на политичка дебата, бидејќи за тоа не треба да има простор во политиката.

Според мене, во последните години ЕУ почна подобро да го разбира македонското прашање. Европскиот парламент во најголем дел разбира дека не станува збор за администрација, туку за достоинство, доверба и кредибилитет. Ако ЕУ – со право – очекува реформи од земјите, мора и таа да го прави тоа што проповедува. Токму затоа искрено верувам дека сега е време да се искористи моментумот на проширување, кој е навистина високо на европската агенда. Со ова не мислам на политичка стратегија, туку на фактот дека иднината на Западен Балкан е европска, а соработката за доброто на заедницата мора да биде посилна од било која билатерална или лична блокада.

РАЦИН: Во едно од Вашите интервјуа велите и бугарската и македонската страна треба да покажат повеќе зрелост и одговорност. Кои би биле вашите совети за македонската влада во таа насока?

Јовева: Не сум некој кој би сакал да биде или да излезе покровител, бидејќи тоа навистина не е дел од мојата личност – или, ако сакате, од мојот идентитет. Кога зборувам за зрелост и одговорност, мислам на тоа дека сите политичари би требало да бидат фокусирани на решавање проблеми, а не на нивно продлабочување или создавање.

Верувам дека секоја влада треба да работи за својата земја, а не за следните избори. Според мене, суштината на пристапувањето кон Европската Унија не е со зборови, туку со стандарди и искрена желба – не за себе, туку за луѓето што живеат во земјата што некој ја води. Кој не го разбира тоа, ја води земјата назад, а не напред.

За да не бидам погрешно разбрана, мора веднаш да кажам и дека македонската држава не смее да биде сама во тоа. ЕУ го носи својот дел од одговорноста, што важи и за сите нејзини земји-членки. Затоа, правото на вето не би требало да се злоупотребува како алатка за притисок, особено кога тоа се случува поради целосно неоправдани и неправедни причини. Ако зборуваме за европски вредности, тие мора да важат подеднакво за сите. Инаку, проширувањето не е европска политика, туку геополитика на интереси – а Европа не треба (повеќе) да си го дозволи тоа.

РАЦИН: Последниот извештај на Европската комисија за Македонија укажува дека земјата стагнира во многу области и некои аналитичари го оценија како најлош во последните години. Како го оценувате извештајот за Македонија во поглед на реформите и може ли да се изгуби постигнатото до сега во тој поглед, ако се тргне на страна натегањето со Бугарија?

Јовева: Извештајот на Европската комисија укажува на стагнација, на напредок во некои области, но за жал, дури и чекори назад во повеќето од нив. Тоа е точно и тоа мора да се сфати сериозно – но само затоа што процесот на реформи како таков не смее да стагнира или да регресира. Реформите не се прават за Брисел, туку за подобри и поефикасни институции и подобра иднина или подобар живот за граѓаните дома.

Во овој контекст, важно е да се разбере двојниот слој на проблемот. Првиот е дека политичките блокади, во овој случај бугарските, ја оштетуваат довербата во европскиот процес – и тоа е одговорност на земјите-членки. Вториот е дека сето ова под никакви околности не треба да биде изговор за внатрешна стагнација. Со темпото на реформите се добива и посилна позиција во преговорите, верувајте.

Во исто време, мислам дека досегашните достигнувања не смеат да се изгубат; напротив, тие треба да се градат и надградуваат. Решавањето на тензиите со Бугарија е апсолутно важно и очигледно клучно, но вистинскиот кредибилитет на земјата секогаш ќе се базира на реформи кои го подобруваат животот на луѓето. Така се гради преговарачка позиција и така се гради европска иднина. Ако ме прашате мене, начин на размислување треба да биде ваков: една земја-членка може да мисли дека може да блокира датуми, но не може да ја блокира волјата за вистински позитивни промени.

РАЦИН: Дали е во ред, внесувањето на Бугарите во Македонија и почитувањето на нивните права согласно европските вредности за малцинствата, да се отфрла со контра барање за правата на Македонците во Бугарија? Ако се има предвид најавеното проширување со Црна Гора, Албанија, Молдавија и можеби Украина, што мислите за опцијата колку што е можно побргу да се влезе во ЕУ клубот, па одвнатре да се покреваат иницијативи за прашања важни за Македонците надвор од границите на земјата?

Јовева: Правата на малцинствата се дел од европското јадро. Во тој контекст, вклучувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав не е проблематично само по себе, туку само доколку е дел од искрена посветеност на почитување на човековите права. Проблем станува кога идентитетите се користат како политичка валута. И во овој случај, не гледам никаква искреност или добра волја од страна на бугарските политичари во смисла дека тие навистина би сакале да го регулираат ова затоа што мислат на луѓето.

Секако, во истиот контекст, прашањето за правата на Македонците во Бугарија е апсолутно легитимно – особено ако зборуваме за рекоципрочност и еднакви стандарди за сите. Вистински европски пристап значи почитување на сите малцинства – подеднакво и доследно.

Што се однесува до проширувањето: го разбирам размислувањето за тоа дека е возможно поскорошно приклучување и активното бранување на интересите во рамките на Унијата. Од една страна, идејата е разумна и достојна за сериозно разгледување, особено со оглед на геополитичката ситуација во светот и процесите на донесување одлуки во рамките на ЕУ. Но, од друга страна, важно е тоа да не стане пристап „ајде да се приклучиме што е можно поскоро, па потоа ќе работиме“.

РАЦИН: Каков вид на гаранција во формално-правна смисла може да очекува македонската влада кога е во прашање идејата за “одложено дејство” на уставните измени?

Јовева: Важно е да се знае дека ЕУ е заедница на држави каде што многу зависи од политичката волја, а не само од правните механизми. Всушност, политичката волја е најважна – на неа сè или стои, или паѓа; понекогаш за жал, понекогаш за среќа. Накратко: постојат формални и правни гаранции, но во реалниот живот, за жал, сè уште (пре)многу зависи од ветото, националните интереси и политичките пресметки. Вие го почувствувавте тоа на најлош можен начин во вашата земја.

Значи, во теорија, „одложено дејство“ е можно, но да бидеме искрени: дури и фамозниот француски предлог ветуваше напредок, но наскоро видовме колку брзо може да се појави некој со нови услови. Затоа, денес едноставно не можеме да кажеме дека постои правно обврзувачка гаранција ако се отвори и измени македонскиот Устав.

Но, она што би требало да постои – и што е, барем според мене, уште поважно – е политичка гаранција. Знаете, ако македонската држава јасно покаже дека го направила својот дел, тогаш ќе биде многу потешко за оние кои бараат изговори. И затоа цврсто верувам дека сегашниот ЕУ мандат е тест за кредибилитетот на Европската Унија во контекст на политиката на проширување. Сега ќе се види кој навистина верува во проширувањето како стратешка одлука, а кој го гледа Западниот Балкан како простор за политичко пазарење.

Законот може да се напише, но кредибилитетот не може. Тој треба да се докаже. А тоа важи и за односот кон вашата земја. Ова ви го кажувам не само како политичарка, туку и како некој што многу добро го познава регионот и вашата земја. Знам колку потенцијал имате и колку веќе сте издржале. Токму затоа верувам дека можете да станете пример. Не затоа што некој би ви дал нешто или би ви „дозволил“, туку затоа што самите сте го докажале тоа многу пати.

РАЦИН: И ЕУ политичарите и лидерите на најзначајните земји членки на ЕУ, постојано ја повикуваат Македонија да го направи чекорот со уставните измени и ветуваат дека нема да бидат прифатливи повеќе нови барања од Бугарија. Толку ли се веродостојни тие ветувања?

Јовева: Европската политика никогаш не била и никогаш нема да биде место на апсолутни гаранции; човек тоа го учи понекогаш на полесен, понекогаш на потежок начин. Европската политика е место на политички ветувања, но тие според мене се валидни само кога се поткрепени со вистински дела.

Македонската држава треба да биде внимателна, но пред се самоуверена и европска – во најдобриот можен смисол на тие зборови. Но, иако таа мора да го направи својот дел, така и европските лидери, кога, на пример, повикуваат на уставни измени, треба да ја разберат тежината на сопствените зборови. И ако кажат дека нема да има нови бугарски или било какви билатерални барања (што е единственото правилно нешто што треба да се направи), тие тоа и треба да го обезбедат – не само политички, туку и практично.

Со други зборови: обврската дека билатералните прашања нема да бидат дел од процесот на проширување мора да биде јасна, јавна и писмена; не само изговорена.

РАЦИН: Какво е вашето мислење за однесувањето на земјите членки како Бугарија и Унгарија и дали е време да се промени консензусот како модел на одлучување?

Јовева: Кога зборуваме за вакви работи, би сакала прво да разјаснам дека тука не станува збор за нации или народи, туку за политики. Европските вредности не се прашање на национален идентитет, туку на политичка одговорност. Ако некоја политика отстапува од тие вредности – на пример владеењето на правото, слободата на медиумите и слично – тогаш Европската Унија мора да биде способна да одговори. Не поради казна, туку поради принцип.

Но проблемот е што ЕУ – со право – очекува највисоки стандарди од земјите-кандидатки, додека некои земји-членки – според мене во многу примери неправилно – се подготвени да го блокираат системот на овие стандарди. Таа контрадикција го поткопува кредибилитетот на Унијата.

Затоа мислам дека времето да се размисли околу промена на моделот на донесување одлуки е навистина тука и сега. Проширувањето на ЕУ може и мора да оди рака под рака со внатрешните реформи во самата Унија. Консензусот беше историски неопходен, но денес премногу често се претвора во алатка за уцена. Европската Унија мора да најде начин да ја заштити својата заедничка волја од лични вета. И не го прифаќам аргументот дека таквата промена би ги оштетила помалите земји. Промените не се потребни затоа што сакаме да ги оштетиме помалите земји, туку затоа што европските вредности повеќе не можат да се бранат со систематско блокирање на нивното спроведување преку индивидуални политики.

Тоа не мора нужно да значи едноставно укинување на ветото – но треба да значи сериозна дебата, а потоа и конечна одлука врз основа на одговорот на прашањето што е тоа што ја држи Унијата заедно: моќта на блокирање или моќта на заедничкиот интерес.

РАЦИН: Иако сте родени и израснати во Словенија, често зборувате со гордост дека потекнувате од Македонија. Како тоа потекло ве обликувало – лично и политички?

Јовева: Никогаш не сум се срамела и никогаш нема да се срамам од моето потекло. Тоа е дел од мене што ме обликувало повеќе отколку што бев свесна како дете. Дома, отсекогаш живеевме не помеѓу, туку со два света – словенечки и македонски. Никогаш не морав да бирам помеѓу едниот и другиот. Многу добро знам што Словенија им даде на моите родители а и мене. Таа е мојата татковина. Но, во исто време, многу добро знам колку е важно да знаеш од каде доаѓаш и како си стигнал до таму каде што си.

Токму тоа длабоко лично ме обележа, особено во чувствувањето на припадност и почитување на различноста. Во исто време, ме научи дека идентитетот не е прашање на политика, туку на семејство, култура, јазик, сеќавања. Кога ќе го разберете ова, никогаш нема да прифатите дека идентитетот треба да се постави како точка на преговори. И тоа е нешто што ме обележа во политички смисла, сигурно.

Веројатно затоа сум почитувателна на прашањата за стереотипи и предрасуди. Знам колку брзо некој може да биде маргинализиран само затоа што има различно презиме, акцент или потекло. Но, во исто време знам и дека различноста нè збогатува ако ја гледаме како можност, а не како проблем.

Јас не сум „пола-пола”, не сум малку од едното, а малку од другото. Мојот идентитет е мое право. И тој ми дава поширок поглед кон светот. Можеби токму затоа решив да одам во европска политика. Бидејќи се темели на верувањето дека различните идентитети можат да бидат заедничка приказна. А јас сум некој кој искрено верува во таква приказна.

РАЦИН: Кога последен пат бевте во Македонија и што ви недостига најмногу? Која ви е омилена македонска храна и музика/артист?

Јовева: Пред неколку години. Треба да знаете дека навистина сакам да одам и доаѓам, но не сакам да доаѓам само поради обврски, туку и поради семејството, спомените… Но, токму поради недостатокот на време тешко е тоа да се комбинира, и затоа за жал не можам да доаѓам толку често колку што би сакала.

Пред сè ми недостигaат детството и младоста – тие години што ги поминав во Македонија како дете и тинејџерка. Ми недостигa таа безгрижност, таа атмосфера што не можеш да ја „увезеш“ или „извезеш“.

Што се однесува до храната – со сета почит, но за мене, никој не готвееше и нема да готви подобро од мајка ми. Мајка ми почина пред многу години, но мојата омилена македонска храна останува исклучиво таа од нејзе и тоа никогаш нема да се промени.

Македонската музика има посебна душа. Обожавам да слушам традиционални песни и тешко е да се издвои само еден изведувач. Сепак, морам да кажам дека многу ми го топли срцето кога ги слушам песните на Тоше Проески на радиостаниците, вклучувајќи ги и словенечките, па дури и денес.

РАЦИН: Колку е тешко за млада жена, и тоа од иселеничко семејство, да биде слушната во европската политика?

Јовева: Ако кажам дека секогаш е лесно, ќе излажам. Но така воопшто не е затоа што европската политика генерално е против млади жени или оние со имигрантско потекло – да ги оставиме настрана екстремистите и самопрогласените патриоти, бидејќи не вредат да се коментираат. Повеќе станува збор за фактот дека структурите сè уште се обликувани според старите шеми, а многу луѓе не сакаат да се ослободат од овој статус кво затоа што е полесно и подобро за нив така како што е.
Затоа тие на кои навистина им е грижа и не им е сеедно, понекогаш чувствуваат дека мора постојано да докажуваме дека сме „доволно европски“, во мојот случај дури и „доволно словенечки“. Ако сте млада жена, понекогаш мора да докажете дека не сте само лице, туку и глас. За мене, од самиот почеток, беше важно во политиката да не ме гледаат како квота, туку како некој со идеи, одговорност и кредибилитет.
И сето тоа ме научи на упорност. Не чекам некој да ми даде простор, туку го ко-креирам. Верувам дека во политиката е важно не само да се „биде присутен“, туку и да се биде подготвен нешто да се промени.
Вистина е дека понекогаш морам да ги бранам моите компетенции повеќе од другите. Но, тоа искуство носи една многу важна предност: ве учи да слушате и, пред сè, да ги чуете оние кои често се занемарени од политиката.
Понекогаш е тешко да бидете слушнати, исто како и понекогаш е полесно да се молчи. Но, за мене, невозможно е да молчам кога знам дека едноставно морам да проговорам. Не верувам во политика на лицемерие и молчење, верувам во политика на искреност и храброст.

РАЦИН: Која е Вашата порака до новата генерација млади македонски граѓани?

Јовева: Мојата порака е едноставна: како што ви реков, не ви е потребна дозвола за постоење, па така сега ќе кажам, не дозволувајте никој да ви каже дека иднината е веќе одлучена. Не е. Иднината не се случува, иднината се создава. И таа никогаш не започнува во Брисел или на избори, таа започнува од вас.

Знам дека понекогаш е тешко да се верува во политиката. Исто така, знам дека трпението може да се изгуби. Но, вие сте генерацијата што може да ги помести работите. Не затоа што сте млади, туку затоа што сте слободни да размислувате поинаку. Тоа е вашата најголема сила.

Верувам дека Македонија може да се промени ако и вие верувате дека имате право да ја менувате политиката, а не дека политиката ве менува вас. Европа е иднината на Македонија. Не чекајте сигнал од Брисел. Вие сте сигналот.

Фотограф: Denis Lomme, European Union 2025

Зачлени се на нашиот е-билтен