„Југо Флорида“ и „Ера“ доминираа на 24. Синедејс – доделени наградите на Фестивалот на европски филм

Со голем интерес и возбудена публика, пред полна сала и во присуство на дел од екипите на наградените филмови, синоќа беа доделени наградите на 24. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс, соопшти МКЦ.

„Нашата одлука не беше лесна…“ – изјави Арсен Оремовиќ во име на двете жири-комисии кои годинава ги оценуваа филмовите во Официјалната и во СЕЕ конкуренцијата. Тој истакна дека секој филм носи силен авторски глас, локални приказни со универзална димензија и теми кои ги отвораат безвременските прашања за слободата, зрелоста, егзистенцијата и правото на избор.

Добитници во Официјалната конкуренција

  • Награда за најдобар филм: „Југо Флорида“ – Владимир Тагиќ
    Филм со суптилна, реалистична приказна, граден на границата меѓу сон и стварност, со фина двосмисленост и автентичен тон.
  • Награда за најдобро сценарио: „Вена“ – Кјара Флајшхакер
    Интимен приказ на младата хероина која се бори меѓу мајчинството и зависноста, со искрени дијалози и силна емотивна тежина.
  • Награда за најдобра режија: „Проблематични девојки“ – Уршка Џукиќ
    Режија што преку прецизни кадри и монтажни избори создава поетски и речиси експериментален свет на младата хероина.
  • Специјално признание: Андрија Кузмановиќ за улогата во „Југо Флорида“.

Добитници во СЕЕ конкуренцијата

  • Златно сонце за најдобар филм:
    „Ера“ – Петра Келменди и „Оче наш“ – Горан Станковиќ
    „Ера“ обработува ретко допрена тема – украдената младост во Косово во 90-тите, додека „Оче наш“ ги поместува границите на балканската кинематографија со силна симболика и зрел режисерски ракопис.
  • Специјално признание:
    Месо“ – Димитрис Накос, длабока драма за согледување на менталитетот на едно грчко село.

Жирито за Официјалната конкуренција го сочинуваа Сара Климовска, Арсен Оремовиќ и Алеш Павлин, а за СЕЕ програмата – Ана Опачиќ, Фатос Бериша и Јасмина Карајловиќ.

Во осум фестивалски денови, Синедејс прикажа повеќе од 50 европски филмови, две концертни вечери и привлече повеќе од 3.000 посетители. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Град Скопје, програмата Liveurope и програмата European Film Festivals на Креативна Европа.

Зачлени се на нашиот е-билтен