Русија се бори со оружје во Украина, а со зборови – во остатокот од светот, изјави денеска потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова.
Таа рече дека големите онлајн платформи се борат против ширењето дезинформации, но дека нивните напори засега не се доволни.
Според неа, платформата Икс (поранешен Твитер) води со најраспространети дезинформации по повлекувањето од регулативата на ЕК за доведување големи компании на Интернет.
„Платформите треба да имаат предвид дека се води војна против нас во информативниот простор“, рече Јурова. Таа додаде дека Мајкрософт, Мета, Гугл, Линкедин и ТикТок, кои се меѓу 44-те компании што ги потпишаа правилата,доставија нови извештаи за да се спротивстават на дезинформациите во изминатите шест месеци.
„Првпат располагаме со толку широк опсег на податоци во документите, ги ценам нивните напори“, истакна Јурова.
„Борбата против дезинформациите на Интернет бара широк пристап, кој ќе го вклучи целото општество. Дезинформациите постојат и офлајн, но со порастот на употребата на Интернет, криминалците најдоа нов начин да се обидат да ја поткопаат европската демократија. Ги повикувам платформите да ја имаат предвид руската војна во Украина и изборите за европратеници следната година“, рече таа.
Според неа, „Русија води војна на идеи во нашиот информативен простор со полувистини и лаги за да создаде измамен впечаток дека демократијата не е подобра од автократијата“, јави МИА.
„Денес тоа е оружје за масовна манипулација насочено и кон Русите и кон Европејците, како и кон остатокот од светот. Големите платформи треба да ги имаат предвид овие закани, особено во пресрет на изборите за ЕП следната година“, нагласи потпретседателката на ЕК.