Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јужна Кореја и Спејс Икс ќе лансираат воен шпионски сателит

Војската на Јужна Кореја планира да го лансира својот прв извидувачки сателит во орбитата на крајот на овој месец за да го надгледува изолираниот сосед, Северна Кореја. Предвидениот датум за лансирање е 30 ноември, јави ДПА.

Ракетата Фалкон-9 (Falcon-9) од приватната вселенска компанија Спејс Икс (SpaceX) треба да го лансира сателитот од воената база Ванденберг во американската сојузна држава Калифорнија, објави денеска во Сеул портпаролот на Министерството за одбрана. 

Лансирањето е дел од проектот за развој на сопствени сателити за набљудување на стратешките цели во Северна Кореја и подобро реагирање на потенцијалните закани, соопшти Министерството.

Јужна Кореја планира да лансира уште четири шпионски сателити во орбитата во следните две години.

И Северна Кореја, како што наведува германската агенција, има намера да распореди свои сателити за воени цели во орбитата.

Војската на Јужна Кореја верува дека Пјонгјанг во моментов се подготвува за трет обид за лансирање на извидувачки сателит. Два претходни обиди оваа година не успеаја и експертите веруваат дека планираното лансирање за октомври не продолжи од технички причини.

Јужна Кореја е загрижена дека Северна Кореја може да добие поддршка од Русија за следното лансирање во замена за испорака на муниција и оружје.

Јужнокорејските медиуми минатата недела објавија дека воените и разузнавачките агенции се сомневаат дека Русија можеби добила до еден милион артилериски гранати и друга воена опрема за нејзината офанзива против Украина од почетокот на август. 

Извор (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен