Експертите предупредуваат дека разликите во цените на електричната енергија во голема мера ги одразуваат различните енергетски политики, трошоците за производство и дистрибуција
Во првата половина од 2025 година, граѓаните на Европската Унија се соочија со значителни разлики во цените на електричната енергија за домаќинствата. Според податоците изразени во стандарди за куповна моќ (PPS) на 100 kWh, најскапата електрична енергија ја платиле жителите на Чешка, Полска и Италија, додека најниските цени се регистрирани во Малта, Унгарија и Финска.
Чешка е на врвот на листата со просечна цена од PPS 39,16 на 100 kWh, далеку над просекот на ЕУ. Полска го освои второто место со PPS 34,96, додека Италија регистрираше цена од PPS 34,40, исто така рангирајќи се меѓу земјите со највисоки трошоци за електрична енергија во домаќинствата.
Од друга страна, најповолни цени се регистрирани во Малта, каде што просечната цена на електричната енергија изнесуваше 13,68 PPS на 100 kWh. Унгарија беше на второ место по поволни цени со PPS 15,01, додека Финска регистрираше PPS 18,70.
Забелешка во истражувањето е дека податоците ги вклучуваат земјите-членки на ЕУ, земјите од ЕФТА и земјите-кандидатки за членство за кои се достапни релевантни податоци, но дека рангирањето во оваа анализа се базира исклучиво на земјите-членки на Европската Унија.
Експертите предупредуваат дека разликите во цените на електричната енергија во голема мера ги одразуваат различните енергетски политики, трошоците за производство и дистрибуција на електрична енергија, како и нивото на субвенции и даноци во одредени земји.
За домаќинствата со ограничен буџет, разликите можат да имаат значително влијание врз месечните трошоци, додека земјите со повисоки цени се стремат да воведат мерки за енергетска ефикасност и стимулации за обновлива енергија за да го олеснат финансискиот товар врз граѓаните.