Каде нè носи Синедејс оваа година? На другата страна на реалноста

Од црвената соба на Дејвид Линч, под слоганот „Се гледаме на другата страна“, започна 24. издание на Синедејс – Фестивалот на европскиот филм. Програмската координаторка Маргарита Арсова веќе петнаесет години ја води скопската публика на „другата страна“, во светот каде реалноста и сонот се спојуваат.

„Оваа година публиката ја носиме длабоко во потсвесното – на страната каде што визијата на Линч го преобликува начинот на кој гледаме филм.“

Маргарита Арсова

Арсова вели дека е особено горда на континуитетот и растот на фестивалот:

„Успеавме да направиме фестивал кој се издигна на завидно европско ниво. Секоја година се обидуваме да се надминеме – во програмата, содржините и придружните активности. Работиме цела година за да донесеме најдобро од европската кинематографија во Скопје.“

Линч како мотив и референца

Ова издание му е посветено на Дејвид Линч – визионер чија работа оставила траен белег врз светската кинематографија. Главната одлика во неговите филмови, вели Арсова, е чекањето.

„Чекањето дека нешто конечно ќе се случи. Така и ние во Македонија чекаме кино, чекаме промени, чекаме Скопје да стане европска престолнина на културата не само во 2028, туку секој ден.“

Рекорден број македонски филмови

Оваа година Синедејс претставува дури шест македонски копродукции, од кои две се во натпреварувачката селекција.

„Сметаме дека на македонскиот филм токму му е место на домашните фестивали – за подобра промоција и вистинска видливост.“

Слободанка Радун

Живот, вредности и наследство – приказни зад филмовите

Режисерката на филмот „Човек, лавина“, Слободанка Радун, раскажа за комплексноста на приказната зад нивниот проект – од музиката и политичкиот ангажман, до животните вредности на личноста што ја портретираат, Драгољуб Ѓурикиќ, познатиот југословенски тапанар.

„Сакавме да создадеме ефект лавина – неговата енергија да продолжи да живее во гледачите. Нашата намера беше да направиме комплексен, балансиран филм со брз ритам и богата приказна.“

Зачлени се на нашиот е-билтен