Во изминатите шест децении Преспанското Езеро изгубило околу 60 проценти од својот воден волумен. Од 1963 година наваму, нивото на водата во Преспа е намалено за речиси десет метри, а на одредени делови водната линија се повлекла и до три километри. Овие податоци не се само статистика – тие се јасен показател за сериозната еколошка криза со која се соочува еден од најзначајните природни бисери на Балканот.

„Еден од клучните проблеми е нерегулираното користење на водните ресурси. Во регионот не постои целосен регистар на подземни бунари и механизми за наводнување, што резултира со прекумерна експлоатација и на подземните и на површинските води“, изјави Орхидеја Тасевска, директор на Хидробиолошки Завод Охрид. Научниците предупредуваат дека итно мора да се воспостави контролирано и одржливо управување со водата, како и сериозен мониторинг на притоките кои се меѓу главните извори на загадување на езерото.

Орхидеја Тасевска

Тасевска потенцира: „Дополнителен проблем претставуваат и дивите депонии во регионот, како и несоодветното управување со отпадот. Преспанското Езеро не смее да се гледа исклучиво низ економска призма – како извор за наводнување, туризам или рекреација. Тоа е исклучително важно жариште на биодиверзитет, дом на бројни растителни и животински видови кои можат да се сретнат само тука.

Посебно значајна е и неговата природна поврзаност со Охридското Езеро. Поради карстната природа на планината Галичица, водите од Преспа постојано се прелеваат кон Охридското Езеро. Токму затоа, зачувувањето на Преспа директно значи и заштита на Охрид – еден дополнителен аргумент зошто ова прашање има регионално, па и меѓународно значење.“

Преспа се вбројува меѓу најзначајните еколошки подрачја на Балканот. Регионот обединува различни екосистеми – езерски и блатни живеалишта, шуми и високопланински пасишта во рамки на националните паркови Пелистер и Галичица. Особено е значајно орнитолошкото богатство: над 80 проценти од регистрираните видови птици во регионот можат да се сретнат токму во Преспа.

Дејан Димиџијевски

Дејан Димиџијевски, соработник за животински видови од НП Галичица вели: „Преспа е едно од најбогатите подрачја по биолошка разновидност во поширокиот регион. Над 80 проценти од регистрираните видови птици можат да се сретнат токму тука, а симбол на езерото е кадроглавиот пеликан, од чија светска популација дури една четвртина некогаш престојувала во Преспа. Иако последните години бројот беше намален поради птичји грип, популацијата повторно покажува знаци на опоравување.

Островот Голем Град, иако со површина од само 22 хектари, претставува вистинска природна и културна ризница, со ендемични шуми, богат птичи свет и значајни археолошки локалитети. Археолошките наоди во Преспа, кои датираат уште од раниот неолит, сведочат дека овој регион бил место на трајно населување уште пред седум илјади години.“

Едукацијата и локалната заедница – клуч за иднината

Меги Дочовска

„Секојпат кога ќе го спомнам Преспанското Езеро во училница, ги гледам љубопитните погледи на децата“, вели Меги Дочовска, едукатор во Македонското еколошко друштво – Ресен. Според неа, приказната за пеликаните е моментот што најмногу ги освојува младите и ја покажува моќта на едукацијата како алатка за создавање еколошка свест.

„Преспа сè уште има шанса“

„Песимистичкото сценарио веќе го живееме – алармот одамна е вклучен“, вели Даниела Заец, раководител на МЕД – Ресен. Сепак, таа истакнува дека охрабрувачки е фактот што кај локалното население се забележува растечка свест: луѓето поставуваат прашања, бараат одговорност и се подготвени да се вклучат.

Според неа, не постојат брзи решенија за еколошките проблеми. Реалните промени бараат промена на навиките, долгорочна соработка и совесно делување. Преспа, нагласува Заец, сè уште не ја изгубила шансата – но таа шанса може да се искористи само со заедничка акција на локално, национално и прекугранично ниво.

Даниела Заец

Клучен предизвик останува нефункционалноста на институциите на Преспа Паркот. Иако регионот е поделен со граници, тој претставува еден единствен екосистем. Затоа Македонското еколошко друштво, заедно со партнерите од Грција и Албанија, ја формираше мрежата „Преспа Нет“ – платформа за заедничко делување и поврзување на заедниците од сите три страни на Преспа.

Грција: Преспа е мал регион со меѓународно значење

Според Џулија Хендерсон од СПП Грција, Преспа можеби е мала внатрешна општина, но е широко препознаена – и на национално и на меѓународно ниво – поради своите исклучителни природни вредности. Таа истакнува дека особено грчките посетители имаат силна емотивна поврзаност со регионот, што дополнително ја зголемува неговата важност.

Џулија Хендерсон

Меѓународното признание, според Хендерсон, ја подигнува тежината на Преспа на сите три страни од границата. Таа потенцира дека секогаш има простор за повеќе активности и подобри политики, а токму тоа е улогата на невладините организации. Од тие причини е формирана и мрежата „Преспа Нет“, која има цел да застапува позитивни промени и заштита на целиот слив на езерото.

Хендерсон нагласува дека Преспанското Езеро претставува еден заеднички екосистем и еден воден слив, но сместен во три држави. Секоја земја има свои национални обврски и одговорности, но истовремено мора да се размислува холистички и прекугранично, бидејќи сè што се прави на едната страна неминовно влијае и на другите две. Видовите се движат преку граници, водата се споделува и постојано циркулира меѓу државите.

Како позитивен пример на соработка, таа ги посочува Декларацијата од 2000 година, потпишана од тројцата премиери за формирање на прекуграничниот Преспа Парк, како и меѓународниот договор од 2010 година со поддршка на Европската Унија. Нејзината главна препорака е целосна и заедничка имплементација на овие договори, со максимален заеднички напор – во интерес и на природата и на луѓето што живеат во Преспа.

Албанија: Младите се клучот за иднината на Преспа

Клаудја Кочи од ППНЕА Албанија истакнува дека преку „Преспа Нет“ се направени сериозни напори за поврзување на младите луѓе од сите три земји. Преку заеднички летни школи, обуки и работилници, мрежата успеала да создаде генерација млади луѓе кои денес активно работат во областа на заштита на природата.

Клаудја Кочи

Дел од нив се веќе вклучени во тимовите на „Преспа Нет“ и соработуваат со организации и институции во Тирана, Ресен, Скопје, како и на грчката страна на Преспа. Според Кочи, ова е еден од највредните резултати од нивната работа, бидејќи придонесува кон зајакнување на младите и нивна интеграција во процесите на зачувување на природата, особено во оддалечени региони како што е Преспанскиот прекуграничен парк.

Таа предупредува дека во последните десет години голем број млади луѓе ја напуштиле Преспа на сите три страни од границата. Затоа е исклучително важно регионот повторно да се доживува како место за живот, каде што луѓето можат да ги остварат своите амбиции, да придонесуваат за заштита на природата и истовремено да обезбедат егзистенција.

Кочи посочува дека Преспа треба да се замислува како простор без бариери – за слободно движење, размена и заеднички активности. Локалните јазици, како што вели, се разбираат и се користат низ целиот слив, што дополнително ја олеснува соработката. Колку повеќе има размена, мобилност и заедничко брендирање, толку е поголема шансата за одржлива иднина.

Преспа, според неа, е единствен регион кој навистина го заслужува статусот што го има – како прв прекуграничен парк на Балканот. За таков простор, порачува Кочи, не се потребни нови граници, туку повеќе заедништво и визија.

Зачлени се на нашиот е-билтен