„Како владејачко мнозинство, повикот до сите партии е час поскоро да надвладее разумот за функционирањето и блокирањето на Собранието. Тоа блокирање од опозицијата не е само на штета на работата на Собранието, туку е на штета на граѓаните, бидејќи не се носат важни закони“ рече пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски во „Утрински печат“.
Тој додаде дека функционалноста на Собраинето не е одговорност само на владејачкото мнозинство, туку на сите пратеници бидејќи тие добиваат плата за да бидат сервис на граѓаните.
-Опозицијата веќе десет дена во Собранието зборува за се освен за точката која е на дневен ред. Тие се обидуваат да ја закочат целата постапка. Не треба нашите политички активности и калкулации да ги ставаме пред интересите на граѓаните, а опозицијата токму тоа го прави, рече Каевски.
Пратеникот од СДСМ додаде дека организирањето на една пленарна седница во Собранието чини околу 55 илјади евра, пари на граѓаните, а со ваквите безидејни одолговлекувања од опозицијата, тоа е непотребно трошење пари во време на криза.
-Нашите ставови се јасни, вратата е отворена за сите партии кои имаат претставници во законодавниот дом, но и за тие кои немаат, а се на европскиот пат и ги делат ставовите, размислувањата и политиките, изјави Каевски.
Тој додаде дека члнеството во ЕУ е стратешка цел која треба заеднички да ја оствариме и затоа упати повик до сите партии и поединци кои исто размислуваат дека има простор за понатамошна соработка.