„Законското решение за амнестија е предлог на Министерството за правда и не се однесува на одредени лица, туку за да се растеретат состојбите во затворите“ рече пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски во „Студио 10“ на ТВ24.
Тој додаде дека во момнетов казна затвор отслужуваат повеќе од 2100 затвореници, а уште околу 2000 случаи чекаат да служат казна затвор.
„Од тоа се согледува дека капацитетите се мали. Исто вредно е да се потенцира дека вакво слично законско решение се донесе во 2018 година, кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ го поддржа. Тогаш беше и полиберален законот, сега е порестриктивен“ рече Каевски.
Пратеникот додаде дека доколку има потреба и се согледа можност ќе се поднесат амандмани за да види јавноста дека ништи не се крие.
„Ќе има време јавноста, медиумите, експертите да дадат мислење. Ние како пратеничка група сме спремни да интервенираме за да го подобриме текстот на законот и функционалноста, за да имаме решение на кое што никој нема да има забелешки“ рече Каевски.
„Ќе се направи анализа и пратеничката група на СДСМ е подготвена да поднесе амандмани на Законот за амнестија. Овој закон е за полесни кривични дела, кои ќе бидат ослободени од одлежување на затворската казна за моменталните капацитети да овозможат лицата кои сториле потешки кривични дела да служат казна затвор“ рече Каевски.
Тој додаде дека ова законско решение не се носи за личности, туку за полесни прекршоци за да се растеретат условите во затворите, бидејќи над 2000 луѓе чекаат да служат казна затвор.
„Не смее сензитивни процеси и дела да бидат опфатени со оваа амнестија. Доколку има потребна соодветно ќе интервенираме. Но нема да дозволиме да се игра на картата на ситен популизам на чувствата на граѓаните“ рече Каевски.
Пратеникот додаде дека веќе се обезбедни и средства од ЕБОР за зголемување на капацитетите за 900 нови затвореници.