Каја Калас: Одлучувачка недела за финансирањето на Украина

Путин

Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, оцени дека оваа недела е клучна за одлуките поврзани со финансирањето на Украина, пренесува парискиот весник Фигаро.

„Неделата што започнува во Брисел ќе биде одлучувачка за Украина и за финансирањето на нејзината војна против Русија“, изјави Калас.

Таа ова го соопшти во пресрет на самитот на Европската унија, кој ќе се одржи во четврток и петок, а на кој европските лидери треба да донесат одлука за моделот на финансиска поддршка за Украина.

Според Калас, преговорите меѓу 27-те земји членки за користење на замрзнатата руска имотна маса продолжуваат, но стануваат „сè потешки“.

Земјите од ЕУ разгледуваат можност замрзнатата руска имотна маса да се искористи за финансирање на таканаречен „кредит за репарации“ за Украина, но дел од земјите изразиле противење, меѓу кои и Белгија, каде што се наоѓа најголемиот дел од руските средства замрзнати во Европа.

„Најверодостојната опција во моментов е кредитот за репарации и на тоа работиме. Но, сè уште не сме стигнале до конечен договор и процесот станува сè посложен“, призна Калас.

Покрај користењето на замрзнатата руска имотна маса, Европската комисија предложи и друга опција – издавање европски обврзници, потсетува Фигаро.

Сепак, на оваа идеја се противат неколку земји членки, пред сè Германија, наведува парискиот весник.

Зачлени се на нашиот е-билтен