Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека претстојната недела „може да биде пресудна“ за Украина, пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана на Унијата во Брисел.
„Следната недела може да биде клучна за дипломатијата“, рече Калас, додавајќи дека добиле информации дека разговорите меѓу високите делегации на Украина и САД, одржани на Флорида, биле тешки, но продуктивни. „Сè уште ги немаме резултатите, но денес ќе разговарам со украинскиот министер за одбрана и со шефот на дипломатијата“, нагласи таа.
Американската и украинската делегација ги оценија разговорите за планот за завршување на војната – кој Вашингтон го предложи пред десет дена – како „продуктивни“. Американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимизам, додека државниот секретар Марко Рубио беше повоздржан и порача дека „останува уште работа“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска треба да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.