Како да си го заштитите избирачкото право: што е повреда и каде да пријавите?

Во недела гласаме на слободни и тајни избори. Тоа право е уставно загарантирано: гласот е еднаков, непосреден и таен; никој не смее да ве условува, заплашува или да ви диктира за кого да гласате. Ако некој го прави тоа – веќе зборуваме за повреда на избирачкото право која е казнива според закон.

Што точно е „повреда на избирачкото право“ (со примери)

Законот ги санкционира и службени лица и „обични“ граѓани кога се мешаат во слободната волја на избирачите или во регуларноста на гласањето. Најчестите случаи се:

  • Притисок, принуда или измама – некој ве тера или спречува да гласате (или ви кажува како да гласате) со сила, сериозна закана, уцена, заплашување на работно место и сл. Ова е посебно кривично дело: „повреда на слободата на определување на избирачите“.
  • „Помагање“ во кабина, групно или „семејно“ гласање – кога неовластено лице влегува со вас во кабина или гласате во група. Тајноста е повредена.
  • Поткуп – пари, пакети, ваучери, ветување корист или заканa со штета за да гласате „правилно“. Кривично: „поткуп при избори и гласање“.
  • Повреда на тајноста на гласањето – барање да се фотографира ливчето, јавна проверка кому сте заокружиле, собирање сериски броеви на ливчиња. Кривично дело.
  • Уништување/фалсификување изборен материјал – кинeње ливчиња, пополнување туѓи ливчиња, „полнење кутии“, манипулација со записници. Кривично: уништување материјал / изборна измама.
  • Злоупотреба на јавни ресурси – финансирање кампања со буџетски средства, притисоци од службеници, користење службени возила/опрема во кампања. Законот има посебни одредби за злоупотреби и противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори.

Казните за кривичните дела против изборите се сериозни (затворски) а законската рамка детално ги набројува: повреда на избирачко право (чл. 159), повреда на слободата на определување (чл. 160), поткуп (чл. 162), повреда на тајноста (чл. 163), уништување материјал (чл. 164), изборна измама (чл. 165) и злоупотреби поврзани со финансирањето и буџетот (чл. 165-а, 165-в).

Вашите практични чекори на избирачко место

  1. Понесете важечки документ (лична карта или пасош). Проверете го избирачкиот список на лице место; ако има проблем, побарајте ја помошта од претседателот на избирачкиот одбор.
  2. Гласате сами во кабина. Исклучок е личност со попреченост/неспособност, која има право на асистенција по постапка утврдена со Изборниот законик – никој друг не смее да влегува со вас.
  3. Никој нема право да ви бара доказ за кого сте гласале. Забрането е фотографирање на ливчето. Ако некој инсистира – пријавете веднаш.

Каде и како да пријавите повреда – брз водич

  • Омбудсман – бесплатна линија за изборниот ден: 0800-54321 (отворена од 07:00 до 19:00). Може и директно во канцелариите во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип; објавени се и локални броеви (Тетово: 044/344-082; Струмица: 034/329-996; Кичево: 045/228-586; Битола: 047/242-310; Штип: 032/389-701; Куманово: 031/431-488).
  • Претседателот на избирачкиот одбор / ОИК (општинска изборна комисија): веднаш укажете на повредата и побарајте да се констатира. За заштита на личното избирачко право може да поднесете приговор во рок од 12 часа од настанување на повредата, по утврдена постапка (формулар, евиденција, рокови).
  • ДИК (Државна изборна комисија): постои пропишана процедура за приговори и рокови за одлучување (упатство на ДИК за постапување по приговори).
  • Полиција / Јавно обвинителство: кога се работи за кривично дело (поткуп, закана, уништување материјал, насилство), пријавете на 192 и во најблиската полициска станица; обвинителствата имаат посебни тимови за изборни нерегуларности и постапуваат по известувања.

Совет: Ако е безбедно, забележете време/место, опишете што се случило и соберете доказ (сведоци, фото/видео од дозволена дистанца надвор од тајноста на гласањето – без фотографирање ливчиња). Со тоа, институциите полесно ќе постапуваат.

Освен домашните институции, изборниот процес го набљудуваат и меѓународни мисии (ОДИХР/ОБСЕ), кои ја следат регуларноста, слободата на кампања и функционирањето на приговорите/жалбите. Тие редовно објавуваат извештаи со наоди и препораки.

Зачлени се на нашиот е-билтен