Со проекција на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен, во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, а потоа и со концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд”, синоќа беше отворено 23. издание на фестивалот СИНЕДЕЈС.
Паркот пред МКЦ беше преполн, премиерата распродадена за Фестивалот на европски филм. Годинашното фестивалско издание под слоганот „Како е? Викај ура“ ќе трае до 17 јули во паркот зад Младинскиот културен центар, киното Фросина и летното кино во Кинотека.
Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Музичарите ќе ги најдат на оглас – пејачката Дина Јашари, пијанистката и поетеса Ива Дамјановски која свири на тамарин вокс, тапанарката Мартина Баракоска, гитаристот Јане Трајковски, Женскиот младински хор при МКЦ, музичарот на народни инструменти Стефче Стојковски и скулпторот и музичар Дејан Спасовиќ, а сè во организација на продуцентот од МКЦ Владица Младеновски-Грга.
„Беше просто неверојатно искуство, да твориш со тотални странци, а на крајот да се чувствуваш како да сте најблиски пријатели. Мислам дека секој треба да направи такво нешто бар еднаш во животот“, рече на концертот пејачот Каспер Клаусен.
А режисерот, данскиот документарист Јонсен додаде: „Ние сите сега сме семејство Македониум“.
Фестивалот неколку години е член на ФИАПФ, со кое е позиционирано на светската мапа на филмски фестивали.
„Се трудиме да го одржиме фестивалот со програма и гости на високо ниво. Единствениот проблем е она што, за да растеш, ти треба домашна поддршка. Ние целиме вон нашите национални рамки, така што и секој залак помалку, за нас значи и мал пораз. Оваа година, работите не се во целосна кондиција, токму поради драстичното намалување на буџетот, но успеавме повторно да донесеме атрактивна програма и гости. Сме виделе и далеку поубави времиња, кога имавме и надеж. Сега, се е сведено, ни се чини и генерално во државата, во модус на преживување. Но не се жалиме, тука сме да работиме и да туркаме напред, по секоја цена. Ќе имаме прекрасна Гала програма, прекрасни долгометражни и кратки филмови, прекрасни гости кои се љубопитни и желни да го доживеат фестивалот, така што ќе се потрудиме како и секогаш да оставиме импресивен впечаток“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на СИНЕДЕЈС
Синедејс денеска продолжува со проекции во паркот МКЦ, каде ќе играат „Добрите момци одат во рајот“ на романскиот автор Раду Поткоава (од 20.55ч) и „Палас“на Роман Полански (22.30). Во киното Фросина играат „Највредниот товар“ на Мишел Хазанавициус (19.30) и „Екскурзија“ (22.30), дебито на босанската режисерка Уна Гуњак.
Во летното кино на Кинотеката од 21.30 е „Семето на светата смоква“ на иранскиот режисер Мохамад Расулоф. Филмот доби специјална награда годинава во Кан, каде Расулоф дојде откако пребега од Иран во Европа по пресудата за казна од осум години затвор за снимање филмови и за потпишување изјави.
И годинава, натпреварувачката програма на CINEDAYS е селекција на Бернд Будер. Во фестивалската програма ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Официјална селекција, Гала програма, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс.
Во ГАЛА програмата, CINEDAYS директно од Кан кој се одржа кон крајот на мај, ги носи наградените остварувања на Кроненберг, Вуди Ален, филмот на Корали Фержо со Деми Мур во главна улога, најновиот филм на иранскиот легендарен режисер Расулоф, насловите на Оноре, Жанг Жи, Хазанавициус, Полански.
Во придружната програма и оваа година ќе се реализира меѓународниот проект LIVING MUSIC под водство на професорката Дарија Андовска во која студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно во резиденцијален проект за време на фестивалот и создаваат филмска музика која потем ќе ја изведат во живо.
Билетите за фестивалот CINEDAYS ќе бидат по цена од 250 денари на билетарниците на МКЦ и Кинотека како и на линкот за олајн продажба на билети на МКЦ, bileti.mkc.mk.