Во сенка на церемонијата по повод 80-годишнината од Денот на победата над фашизмот, Европа значително ја зголемува распределбата на парите за одбраната поради влошената безбедносна ситуација
Европа денеска со различни свечености ја прославува 80-годишнината од Денот на победата над фашизмот. Свеченостите низ целата земја вклучуваат изложби, сведоштва на преживеани, јавни дискусии и уметнички изведби, а меѓу сеќавањата, почитта и прославите, Европа се соочува со сериозни безбедносни ризици.
Токму поради влошената безбедносна ситуација, европските земји значително ги зголемуваат трошоците за одбрана. Франција го зголеми воениот буџет на 3,5 отсто од БДП. Слични потези направија Белгија, Данска, Финска, Полска, Чешка, Унгарија, Словачка и балтичките земји донесуваат одлуки за купување нови борбени системи, зголемување на бројот на војници и обнова на стратешката инфраструктура. Полска го предводи патот со амбиција да стане воен лидер во регионот, со инвестиции кои го надминуваат стандардот на НАТО од 2 отсто од БДП.
Војната во Украина, која трае повеќе од две години, суштински го промени европскиот безбедносен пејзаж. Наместо класични говори за мир и единство, во многу главни градови на Европската унија акцентот е ставен на неопходноста од воена подготвеност, издржливост и стратешка автономија.

Историска симболика
Токму во оваа историско-безбедносна паралела лежи тежината на годинешниот Ден на победата. Додека сеќавањето на победата над фашизмот и ослободувањето на Европа се чува преку комеморации, поворки и положување венци, сегашната ситуација бара будност и одлучност. Стравот од ширење на конфликти, сајбер заканите и нарушената енергетска безбедност водат кон редефинирање на основните европски политики.
Иако ЕУ често е критикувана за нејзиното бавно одлучување, војната во Украина поттикна невидена динамика – од испраќање воена помош до усвојување заеднички пакети санкции. Европските лидери се поотворено зборуваат за потребата од зајакнување на сопствената одбранбена индустрија, намалување на зависноста од САД и создавање оперативна подготвеност во случај на ширење конфликти.
Во исто време, Денот на победата над фашизмот станува момент на политичка рефлексија: колку се загрозени вредностите освоени во 1945 година – слободата, суверенитетот, демократијата – денес и како европските општества се подготвени да ги бранат не само со зборови, туку и со дела.
Пораките на лидерите
Во многу говори оваа година, европските лидери повлекоа јасни паралели меѓу борбата против фашизмот и денешната борба против империјалните тенденции. Поранешниот германски канцелар Олаф Шолц во претходните изјави предупреди за опасноста од ревизионизмот и повика на одбрана на европскиот поредок врз основа на правото, додека францускиот претседател Емануел Макрон зборуваше за историската одговорност на Европа, да не дозволи да се повторат грешките од минатото.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во говор пред Европскиот парламент изјави дека мировниот договор што не го почитува суверенитетот на Украина може да има долгорочни последици за целиот европски континент, пренесува Политико.

Урсула фон дер Лајен
Говорејќи во Стразбур на денот кога се одбележуваат 80 години од победата над фашизмот, фон дер Лајен истакна дека секој одржлив мир ќе мора да го гарантира не само територијалниот интегритет на Украина, туку и нејзиното право да се стреми кон членство во Европската унија. Фон дер Лајен смета дека ЕУ мора да ја зголеми својата поддршка за Украина – со потпишување договор со нејзината одбранбена индустрија, целосно запирање на увозот на руски гас и преземање јасни чекори кон пристапување на Украина во Унијата.
„Во нашата историја, мирот и европската интеграција секогаш оделе рака под рака“, рече таа.
За прв пат и Германија го прогласи Денот на победата за национален празник. Новиот канцелар Фридрих Мерц ќе присуствува на церемонијата во Берлин, вклучувајќи ја комеморацијата во црквата оштетена од војната и централната прослава во Бундестагот.