The Times објави дека Велика Британија води разговори со земјите од Западен Балкан – меѓу кои и Северна Македонија – за можноста за отворање т.н. „центри за враќање“ на одбиени баратели на азил. Планот е дел од новата миграциска стратегија на британскиот премиер Сер Кир Стармер, со која дел од мигрантите би биле испраќани во земји надвор од ЕУ по исцрпување на сите правни постапки.
Македонската Влада е спомената како потенцијален партнер, но засега нема официјални детали. „Тајмс“ објави дека Велика Британија побарала информации од Косово, Северна Македонија и неколку земји надвор од Европа за можноста за отворање центри за враќање на одбиени баратели на азил. Од македонската Влада не добиле одговор на нивното барање за интервју.
Тишина и нетранспарентност
Иако темата отвора сериозни прашања за државниот суверенитет, безбедноста и улогата на земјата во европските миграциски политики, Владата сè уште не излезе со јасно соопштение до јавноста. Недостигот од информации создава простор за сомнежи и шпекулации – особено во земја што само пред неколку години беше сведок на политички кампањи во кои се ширеа лажни стравови од „илјадници мигранти што ќе се населат во Македонија“.
Тогаш, дел од истите политички структури што денес се на власт ја користеа мигрантската тема како инструмент за страв и поделби. Денес, кога Македонија се спомнува како можен домаќин на мигрантски центри, јавноста е оставена без одговори: што точно значи тоа, кој разговара, и кои се потенцијалните обврски за земјата?
Јавноста заслужува одговори
Доколку постојат иницијативи или контакти со британската страна, тие мора да бидат транспарентни и предмет на јавна расправа. Во спротивно, ризикуваме повторување на старите сценарија: политички маневри зад затворени врати, искористување на чувствителни теми за дневнополитички поени и создавање клима на недоверба.
Миграцијата не треба да се третира како закана, туку како прашање на човечност, меѓународна соработка и одговорно владеење. Владата должи на граѓаните јасен одговор – дали Македонија навистина е „во играта“ што ја откри The Times, и ако е, на каков начин и со кои гаранции.