Анализа на (не)културата во Македонија

Како Националниот џез-оркестар остана без дом и по две и пол години

Случајот со просториите на Националниот џез-оркестар под Националната опера и балет е симптоматичен пример за институционална нефункционалност, лошо планирање и префрлање на одговорност меѓу државните институции. Иако просторот формално им е доделен уште на крајот на 2023 година, а официјално на 14 март 2024, речиси две години подоцна тој сè уште не е функционален и не е предаден „клуч на рака“ на оркестарот.

Проектот, чија вкупна вредност изнесува околу 12 милиони денари (10 милиони од ТАВ и дополнителни 2 милиони од Министерството за култура),кога беше усвоен, беше претставен како целосно заокружен – односно како инвестиција што ќе резултира со целосно опремен, акустички и функционално подготвен простор. Сепак, немаме јасен увид и одговор на прашањата зошто до ден денес проектот не е завршен и зошто недостасува клучната фаза: внатрешното, акустичко и ентериерно уредување.

Фактот што јавната набавка за внатрешно уредување ќе биде поништена затоа што пристигнала само една понуда – и тоа повисока од проценетата вредност – дополнително укажува на сериозен проблем во начинот на кој е утврдена таа вредност. Во услови на зголемени цени на градежните материјали и специјализираните акустички решенија, ваквата „проценка“ отвора сомнеж дека или не била реална, или не била ажурирана според пазарните услови.

Поништувањето на тендерот неизбежно значи ново одложување, нова постапка и уште неизвесно чекање – без јасен рок кога оркестарот конечно ќе се всели во просторот што формално му припаѓа. Притоа, Министерството сè уште не одговори колкав процент од проектот е навистина завршен, ниту дали ќе обезбеди дополнителни средства ако новата јавна набавка повторно покаже дека проценетата вредност е нереално ниска.

Дополнителна загриженост предизвикуваат и информациите дека платото над просториите протекува. Ако овој проблем не е целосно саниран, логично се поставува прашањето зошто воопшто се планира внатрешно уредување на простор кој конструктивно не е заштитен. Ова отвора и дилема за надлежноста: дали одговорноста за одржување и санација е кај Министерството за култура, кај НОБ или кај трета институција?

Во меѓувреме, Националниот џез-оркестар – формиран во март 2023 година – функционира без сопствена сала и без траен работен простор. Пробите ги одржува во НОБ, а концертите – кои редовно се распродадени – ги реализира таму каде што ќе се најде слободен термин: во Филхармонијата, МНТ или НОБ. Ова е тешко оправдливо за институција со национален статус, особено ако се има предвид уметничкото ниво и интересот на публиката.

Сето ова упатува на заклучок дека проблемот не е само технички или финансиски, туку системски. Недостасува јасна одговорност, транспарентност и политичка волја проектот конечно да се затвори. Додека институциите молчат или даваат општи формулации, Националниот џез-оркестар останува „подстанар“ во сопствената држава – и тоа веќе две и пол години.

Ако Министерството навистина ја препознава важноста на оваа национална културна институција, тогаш следниот чекор мора да биде јасен рок, јасна финансиска конструкција и целосна одговорност за досегашните пропусти. Во спротивно, приказната за просторот под НОБ ќе остане уште еден пример како добрите културни идеи се губат во лавиринтот на администрацијата.

Текстот е дел од серијалот посветен на работата на Министерството за култура и туризам на Македонија.

До Министерството за култура и туризам се обративме со конкретни прашања поврзани со роковите, финансиската конструкција, степенот на реализација на проектот и одговорноста за доцнењето, но до денот на објавување на овој текст не добивме одговор.

Зачлени се на нашиот е-билтен