Протечени документи до кои дојде Би-Би-Си откриваат дека Русија со години го злоупотребува системот на Интерпол за да ги гони своите политички противници, критичари на режимот, бизнисмени и новинари кои се наоѓаат надвор од земјата. Илјадници доверливи фајлови, доставени од свиркач од Интерпол, укажуваат на систематска злоупотреба на меѓународната полициска организација со цел политички прогон.
Документите, кои ги анализирале BBC World Service и францускиот истражувачки портал Disclose, покажуваат дека Русија редовно поднесувала барања за апсење преку т.н. „црвени потерници“ и „црвени дифузии“, обвинувајќи луѓе за финансиски или други кривични дела, иако зад тие случаи често стоеле политички мотиви.
Анализата покажува дека во последните десет години, независната Комисија за контрола на фајловите на Интерпол (CCF) примила повеќе жалби против Русија отколку против која било друга земја во светот – дури трипати повеќе од втората на листата, Турција. Воедно, најголем број од поништените потерници потекнуваат токму од барања на Москва.
Еден од засегнатите е рускиот бизнисмен Игор Пестриков, чие име се појавува во протечените документи. Тој објаснува дека неговиот живот целосно се променил откако дознал дека се наоѓа на црвена листа на Интерпол.
„Кога ќе се најдете на црвена потерница, животот ви се распаѓа. Или одите во полиција и ризикувате апсење, или живеете во илегала – без стан, без банкарска сметка, без сигурност“, раскажува Пестриков.
Тој побегнал од Русија во јуни 2022 година, неколку месеци по почетокот на инвазијата врз Украина, и побарал азил во Франција. Претходно бил сопственик на удели во металуршки компании, меѓу кои и во Соликамската фабрика за магнезиум. Според неговите тврдења, руските власти вршеле притисок врз него да престане со извоз и да произведува исклучиво за потребите на руската индустрија – што, како што вели, значело индиректно учество во воената машинерија.
Тој одбил, сметајќи дека тоа е морално неприфатливо, особено затоа што производите можеле да се користат за изработка на воена опрема. Набргу потоа, компаниите му биле национализирани, а против него била покрената истрага за наводни финансиски злоупотреби.
По пристигнувањето во Франција дознал дека Русија поднела барање за негова екстрадиција преку Интерпол. По две години правна борба, Комисијата за контрола на фајловите утврдила дека случајот е политички мотивиран и ја поништила потерницата, оценувајќи дека руските информации биле „општи, шаблонски и без доволни докази“.
Иако Уставот на Интерпол строго забранува користење на организацијата за политички, воени или расни цели, протечените документи покажуваат дека Русија со години успевала да го заобиколи тој механизам.
Според податоците, најмалку 700 лица поднеле жалба против барања поднесени од Русија во последната деценија, а кај повеќе од 400 случаи Интерпол бил принуден да ги поништи потерниците – повеќе отколку за која било друга држава.
Адвокатот Бен Кит, кој застапувал бројни лица во вакви случаи, смета дека Интерпол има сериозен проблем со руските барања, додека меѓународниот правник Јуриј Немец оценува дека дополнителните контроли воведени по почетокот на војната во Украина не дале вистински резултати.
„Системот не е тешко да се изигра. Луѓето кои јавно се спротивставуваат на војната често завршуваат обвинети за финансиски криминал и автоматски се ставаат во базите на Интерпол“, вели Немец.
Од руското Министерство за внатрешни работи не одговориле на барањето на BBC за коментар.
Од Интерпол, пак, наведуваат дека по почетокот на војната во Украина биле воведени дополнителни механизми за контрола, со цел да се спречат злоупотреби. Сепак, свиркачот кој ги доставил документите тврди дека дел од тие мерки тивко биле укинати во текот на 2025 година.
Интерпол во официјалниот одговор наведува дека секоја година преку неговите канали се апсат илјадници опасни криминалци, но признава дека постои ризик од злоупотреба и дека постојано се работи на подобрување на механизмите за контрола.