Насловите како „Бојан Христовски е нов претседател на ГК на ВМРО-ДПМНЕ“ остануваат како записи за неговата партиска активност и само одат во прилог на ликот за еден „таен агент“: Кога сака е партиски активист, кога сака е јавна личност и експерт.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Премиерот Мицкоски изјави дека Агенцијата за национална безбедност не се политизира и дека на новоименуваниот директор Бојан Христовски му била нанесена неправда во минатото. Tаа грешка, вели, е исправена и сега тој има безбедносен сертификат.
Го наместиле, со поедноставени зборови може да се објасни толкувањето на Мицкоски, кој вели дека кога се трансформирала Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенција за национална безбедност (АНБ) и кога се правела селекција, поранешни високи структури од Агенцијата за разузнавање, и во Управата за безбедност и контраразузнавање и АНБ ги профилирале луѓето и врз основа на тие профилирања гледале како да им наштетат преку лажни вести и клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во коишто работат.
Но, дали е баш така како што вели Мицкоски?!
Зашто ако било така, тогаш зошто новоимнеуваниот директор Бојан Христовски имал потреба да го „испере“ своето минато.
Имено, како што забележале колегите од „360 степени“, само „неколку часа откако „360 степени“ објави дека на фејсбук-профилот на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, пишува дека е политичар, тие забележале промена.
Сега во секцијата вовед (Intro) на фесјбук-профилот на Христовски стои дека тој е „јавна личност“ (Public figure), а не политичар.
Христовски на позицијата го наследува Зарко Милошевски, кому не му е истечен мандатот, туку е разрешен од функцијата, која ја извршуваше неполни две години, иако мандатот на директорот, според закон, е четири години.
Од Владата досега нема информации или соопштение за причините за разрешувањето на Милошевски, ниту, пак, зошто сега е направено именувањето на новиот директор, а дополнителни прашањата се отвориија и во врска со активниот партиско-политички ангажман во интерес на ВМРО-ДПМНЕ што е очигледно од фотографиите во архивата на неговиот Фејсбук профил.
„360 степени“ го објави одговорот од Владата дека Бојан Христовски од 2023 година не е член на партија, откако си поднел оставка по неговото враќање на работа во Министерството за внатрешни работи, но објавите на неговиот фејсбук-профил доволно јасно говорат за неговата активност и пропагирање во прилог на партијата.
Насловите како „Бојан Христовски е нов претседател на ГК на ВМРО-ДПМНЕ“ остануваат како записи за неговата партиска активност и само одат во прилог на ликот за еден „таен агент“: Кога сака е партиски активист, кога сака е јавна личност и експерт.
Прашање е како можат да се исперат такви партиски активности какви што се запишани на неговиот Фејсбук профил како што се: „Нова ера за Македонија! Нова надеж за татковината“ под фотографијата на тукушто избраната Влада во Собранието, или „Сликата со овие мрачни, очајни, нервозни и натажени политичари целосно ја рефлексира денешната ситуација во македонскиот парламент … Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски се посилни од што можете да замислите“ со фотографијата на Ковачевски со дел од претходната влада.
Од сето ова произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ сериозно ги реализира чекорите за реформи на безбедносните служби според нивни терк, а со тоа „будат“ негативните искуства и трауми што во блиското минато ги предизвикуваа разузнавачките служби, особено од времето на УБК под контрола на оваа партија кога на нејзино чело беше Сашо Мијалков, братучедот на Никола Груевски.