Како Скопје се загуши во ѓубре заради гол ПР и желба за фотеља

Градот Скопје со месеци тонеше во отпад – контeјнерите беа преполни, а улиците ризично валкани. Ситуацијата не беше резултат само на слаба комунална хигиена, туку и на жесток политички судир меѓу градската власт и советничкото мнозинство. Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кое е надлежно за собирање смет во Скопје практично престана да функционира во текот на 2023 година.

До кризата доведоа поделени надлежности – директорот на претпријатието беше кадар поставен од градоначалничката Данела Арсовска, додека Управниот одбор на компанијата го контролираше советничкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ

Оваа блокада во работењето доведе до крах на градската хигиена, при што Арсовска јавно ги обвини Управниот одбор, партијата ВМРО-ДПМНЕ и дури премиерот Мицкоски дека намерно ја оставиле метрополата да тоне во ѓубре.

Најави за одземање на ингеренции од градоначалничката

Соочена со алармантната состојба, новата централна власт предводена од премиерот Христијан Мицкоски најави драстични мерки. Во август 2024 година Мицкоски изјави дека „сите граници се одамна преминати“ и дека Владата не може повеќе „немо да гледа“ како Скопје се гуши во ѓубре, расипани автобуси и дупки.

На новинарско прашање дали ќе се одземат ингеренциите на Град Скопје над комуналните претпријатија, премиерот потврди дека Владата е подготвена да ги решава проблемите и најави можност за преземање на надлежностите врз „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ ако градот не проработи.

Всушност, македонските закони ја предвидуваат оваа опција: според член 129 од Законот, доколку општините или Град Скопје не си ја извршуваат обврската за собирање отпад, Владата смее привремено (до една година) да ги преземе тие надлежности.

Токму на тоа инсистираа и скопските градоначалници од околните општини, кои лани едногласно побараа Владата да интервенира и да именува довереници за хигиената во главниот град.

Владата на Мицкоски започна активности – спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и најави правна одговорност за негрижа.

Во официјалниот одговор од Владата беше истакнато дека градоначалникот на Град Скопје има “јасно утврдена обврска да обезбеди непречено и континуирано функционирање на сите јавни претпријатија… Секоја евентуална негрижа, намерна опструкција или неисполнување на оваа обврска повлекува соодветна институционална и правна одговорност“.

Со други зборови, централната власт недвосмислено и стави до знаење на Арсовска дека, доколку веднаш не ја подобри состојбата, ќе ги изгуби ингеренциите за комуналните служби. Ова претставуваше преседан – централната власт да се закани со преземање на локални надлежности, што ја отсликаа на ситуацијата.

„Засукани ракави“: Нова власт, стар проблем

Во меѓувреме, Арсовска не успеа да го поправи хаосот, па граѓаните на локалните избори во есента 2025 избраа нов градоначалник, Арсовска во неколку наврати со законски цитати ја повторуваше тезата дека апсолутно не може ништо да направи без управниот одбор кој е под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски ја презеде функцијата со ветување дека „ќе стави крај на депонијата од град“ и веднаш најави 72-часовна акција за генерално чистење на Скопје.

Уште првата вечер од стапувањето на должност, Ѓорѓиевски помпезно организираше колона од камиони за чистење, кои тргнаа низ улиците на главниот град. Во акцијата се вклучија екипи од повеќе јавни претпријатија, па дури и приватни компании како дел од нивната општествена одговорност.

Премиерот Мицкоски лично се појави на терен заедно со градските власти, ( нешто што доликува на веќе видените сценарија во Белград, каде Вучиќ парадира од отворање на селска чешма до состанок во Белата куќа) демонстрирајќи дека Владата „засука ракави“ уште од првиот ден на новата локална власт.

Ова е невообичаена глетка – премиер да учествува директно во комунална акција која традиционално е во домен на градската управа.

Но, Мицкоски ја оправда ваквата вклученост со тоа што “во 21 век зборуваме за елементарни работи“, алудирајќи дека градот бил доведен во понижувачка состојба и морало итно да се делува.

Тој оцени дека нечистотијата во Скопје не била случајност, туку „политичка стратегија на опозицијата“ – обвини дека претходната градоначалничка намерно не работела за да нанесе штета на угледот на Владата и државата.

Владата во градскиот двор: Надлежности или ПР?

Не треба да се заборави дека месеци наназад Владата тврдеше оти „нема надлежност“ директно да се меша во работата на Градот, повикувајќи се на автономијата на локалната самоуправа. Но, штом политичките коцки се подредија (со премиер од ВМРО-ДПМНЕ и нивен градоначалник во Скопје), реториката драматично се промени.

Сега одеднаш централната власт гордо учествува во решавање на проблемот што до вчера го нарекуваше локален. Ова укажува на две мерила: кога градоначалникот не беше од истата политичка опција, одговорноста се префрлаше целосно на локално ниво; но кога истата партија ја презеде локалната власт, Владата веднаш „се сетѝ“ дека може да помага – и да собира политички поени притоа.

Еден циничен коментар во јавноста гласи дека можеби ПР-заслугите треба да се поделат „пола за Орце, пола за Мицкоски“, со оглед на тоа колку двајцата се вложија во медиумското промовирање на акцијата.

Кој навистина ќе одговара за хигиената?

По драматичниот почеток, останува да се види дали чистотата на Скопје ќе се одржи или градот повторно ќе потоне во отпад кога ќе згаснат рефлекторите. Владата најави дека има механизми на располагање и натаму да интервенира ако е потребно, но тоа отвора дилема: дали централната власт ќе продолжи да се меша во локалните работи секогаш кога смета дека општината не си ја врши работата?

Таквиот пристап може да стане опасен преседан за автономијата на општините. Од друга страна, градската администрација сега е политички усогласена со Владата, па одговорноста за одржување на хигиената е заедничка – нема повеќе изговори ниту префрлање вина. Ако Скопје повторно биде преплавено со ѓубре, граѓаните јасно ќе знаат кого да посочат. Владата и Градот сега се во ист тим, па нема место за алиби дека „не биле надлежни“.

Зачлени се на нашиот е-билтен