Како туристичкиот бум ја преобрази Албанија

На само три и пол часа возење јужно од Тирана, тесна патека води кон 300 метри долга плажа со кристално сино Јонско Море и ситен чакал. Денес таму лежалка чини 10 евра – доколку најдете паркинг место и не ви пречат гужвите. Пред само една деценија, ова место беше тајна оаза за локалните жители, кои бесплатно кампуваа на плажата. Сега, двете страни на патот се исполнети со градилишта, а голем инвеститор најавува дека малото село ќе стане луксузна дестинација за светската елита.

Оваа трансформација на Јала од скриен рај во пренатрупана туристичка атракција ја симболизира експлозивната експанзија на албанскиот туризам – но и социјалните и еколошките проблеми што ја следат.
Албанија ги отвори границите за туристи уште во јули 2020 година, кога голем дел од светот беше во карантин. Брзо потоа започнаа да пристигнуваат милиони посетители – 5,6 милиони во 2021 година, што беше раст од 114% во однос на претходната. Само три години подоцна, бројката достигна рекордни 10 милиони туристи, а во 2024 година – 11,7 милиони. Владата годинава очекува повеќе од 15 милиони посетители во земја со само 2,7 милиони жители.

Причините се очигледни: цените беа далеку пониски од оние во Италија, Шпанија или Португалија, а земјата нуди и планини и море во ист ден. Социјалните мрежи дополнително ја подгреаја популарноста – во 2024 година на Инстаграм беа објавени 3,8 милиони содржини за Албанија со над 106 милијарди прегледи.
За да привлече големи брендови, владата во 2019 воведе 10-годишно ослободување од данок на добивка за хотели со четири и пет ѕвезди – мерка продолжена до 2027 година. Благодарение на тоа, Marriott, Meliá и Radisson веќе отворија свои капацитети, а Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп, најави дека ќе претвори албански остров во ексклузивно одморалиште.

Но, критичарите предупредуваат дека плажите немаат капацитет за милионската навала. Новата аеродромска писта во Валона, веднаш до заштитено подрачје, предизвика протести. Пренасочувањето на водни ресурси кон туристичките центри, исто така, ги разгневи локалните жители. „Алчноста го замени разумното планирање – и љубовта кон земјата“, вели Алфред Лела од опозициската Демократска партија.
Просечната потрошувачка по турист во 2024 година пораснала за 20% и достигнала 5 милијарди евра вкупна заработка. Но, со тоа се зголемија и цените за локалното население, кое сè потешко може да си дозволи да ужива на сопствените плажи.

Дополнителен проблем е отпадот – комуналните служби не успеваат да се справат со количините, па плажите и патиштата сè почесто се преполни со ѓубре. На социјалните мрежи се појавуваат бројни поплаки за нечистотија, прекумерна градба и растечки цени.

„Албанија некогаш беше дива и слободна – кампување, младост, забава и природа. Сега е како Монако. Нема место за локалното население“, заклучува новинарката Денада Јуши.

Зачлени се на нашиот е-билтен