Европската Унија остро ги осудува постојаните и провокативни активности на Белорусија против ЕУ и нејзините земји членки, кои се неприфатливи и се во спротивност со претходните изјави на белорускиот претседател Александар Лукашенко за подобрување на односите со блокот, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
„Упадите на метеоролошки балони од Белорусија во воздушниот простор на Литванија, кои предизвикаа прекин на стотици летови и значителни загуби на литванските аеродроми и за илјадници патници, претставуваат обид за дестабилизација на земја членка на ЕУ и заплашување на европските граѓани, преку директни закани по цивилното воздухопловство“, истакна Калас во писмена изјава.
Според неа, овие балони не се само средства за шверц, туку се случуваат во контекст на пошироката целно насочена хибридна кампања, заедно со други активности кои вклучуваат и илегално префрлање на мигранти, спонзорирано од државата.
„Сите овие активности мора веднаш да престанат. Апелираме до белорускиот режим без понатамошно одложување да донесе ефикасни мерки за контрола на својот воздушен простор, државна граница и територија, како и да ги запре организираните криминални активности што тој ги поттикнува“, додаде Калас.
Таа нагласи дека покрај санкциите кои веќе се воведени кон белорускиот режим, ЕУ е подготвена да преземе и дополнителни соодветни мерки доколку ваквите активности продолжат.
„ЕУ изразува целосна солидарност со Литванија и сите други земји членки погодени од хибридните активности на Белорусија. Нема да толерираме никакви хибридни кампањи насочени против ЕУ или која било од нејзините земји членки“, потенцира Калас во изјавата.
