Белоруско-руската воена вежба прашање од сериозна безбедносна загриженост, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. Во светлo на тековната агресија на Русија врз Украина и по постојаното кршење на воздушниот простор на земјите членки на Европската Унија од страна на руски беспилотни летала, воената вежба како „Запад-2025“ не манифестира посветеност кон деескалација и мир, истанува Калас.
Во писмена изјава упатена во името на ЕУ по повод воената вежба „Запад-2025“ што се одржа на територијата на Белорусија и Русија, Калас наведува дека ЕУ внимателно ги следела маневрите, кои се први од ваков вид од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година.
– Военото учество на други земји во „Запад-2025“, вклучително и на територијата на Белорусија, во услови на војната на Русија против Украина, е прашање од сериозна безбедносна загриженост за ЕУ, вели Калас.
Таа посочува дека ЕУ очекува Русија и Белорусија целосно да ги почитуваат своите меѓународни обврски, вклучително и Виенскиот документ на ОБСЕ од 2011 година.
– ЕУ останува будна во однос на сите потенцијални безбедносни закани околу „Запад-2025“, заклучува Калас во изјавата.
Од 12 до 16 септември Русија и Белорусија заеднички ја одржаа воената вежба „Запад-2025“, која, според руското Министерство за одбрана, била спроведена на 41 копнени и поморски полигони на териториите на двете земји со цел спроведување на последната фаза од заедничката борбена обука. Според истиот извор, во вежбите биле вклучени 100.000 војници и околу 10.000 парчиња воена опрема и орудија, меѓу кои и 333 авиони и 247 бродови и подморници.