Калас по средбата со Иран во Женева: Ескалацијата никому не му користи


Претставниците на Франција, Германија, Велика Британија, заедно со шефицата на дипломатијата на ЕУ Каја Калас, денеска се сретнаа со иранскиот министер за надворешни работи во Женева.

Тема на средбата била иранската нуклеарна програма, пренесуваат медиумите.

Во кратки коментари по завршувањето на разговорите, потпретседателката на Европската комисија Каја Калас рече дека регионалната ескалација „никому не му користи“ и затоа „мораме да го задржиме просторот отворен за дискусија“.

Двете страни се согласија да продолжат разговорите за нуклеарните и „другите прашања“, додаде Калас.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами го повика Иран да ги продолжи преговорите со САД.

Велика Британија во петокот одлучи да го повлече персоналот од својата амбасада во Техеран.

Во петокот низ Иран се одржаа големи собири против нападите на Израел.

Во иранските напади во четвртокот, беше погодена болницата Сорока, на југот на Израел.

Иранските државни медиуми тврдат дека целта била воен објект во близина на болницата.

Истовремено, израелската војска потврди дека цел на нејзините удари на 19 јуни биле иранските нуклеарни постројки, како и „неактивниот“ реактор за тешка вода во Арак и постројката Натанц.

Сепак, сè уште не се објавени ажурирани информации за можни жртви на иранска страна.

Ракетниот судир меѓу Израел и Иран влезе во својата втора недела.

Иран возврати со испраќање повеќе ракети, вклучително и хиперсонични.

На 13 јуни Израел го нападна Иран, гаѓајќи нуклеарни постројки низ целата земја, тврдејќи дека Техеран има намера да изгради атомска бомба.

Во првичните израелски напади беа убиени неколку високи офицери на иранската армија, меѓу кои и командантот на воздухопловните сили.

Седум ирански нуклеарни научници беа убиени во одвоени напади.

Оттогаш, Иран почна да возвраќа, лансирајќи ракети и беспилотни летала низ Израел.

Зачлени се на нашиот е-билтен