Калас: Со 19-от пакет санкции ги целиме секторите што ги поддржуваат воените напори на Русија 

Нашите санкции нанесуваат штети и имаат видливо влијание врз јавните финансии и економскиот раст на Русија, па затоа Европската Унија мора колективно да ги зајакне овие мерки заедно со своите партнери, се додека не се постигне мир, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по повод предлогот на Еврокомисијата за нов пакет санкции кон Русија.  

„Денеска на земјите членки им го предложивме 19-тиот пакет санкции кон Русија. Со него, ги целиме клучните сектори што ги поддржуваат воените напори на Русија. Целта е секој извор на приходи за Кремљ со кои ја продолжува својата агресија“, рече Калас во видео изјава. 

Таа потенцира дека со новите санкции се предлага целосна забрана на трансакции за руските банки и финансиски институции, вклучително и оние што работат во трети земји, а на листата на санкционирани се додаваат големи економски оператори вклучени во заобиколувањето на санкциите, остварувањето приходи и поддршката за руската воена индустрија, како и рускиот систем на кредитни картички и системот за брзо плаќање. 

„Исто така, предлагаме и забрана за инвестиции поврзани со војната во руските специјални економски зони и предлагаме дополнителни мерки за кинеските актери што ја поддржуваат воената индустрија на Русија3, рече Калас. 

Според неа, за да се ограничи примарниот извор на приходи на Русија од извозот на енергенси, со санкциите се предлага целосна забрана за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ) до јануари 2027 година, се укинуваат преостанатите повластици за „Росњефт“ и „Газпромњефт“ и се санкционираат 118 дополнителни бродови од т.н. руска „флота во сенка“ и нејзини поддржувачи. 

– Овие нови санкции, исто така, ќе го ограничат пристапот на Русија до технологии, вклучувајќи вештачка интелигенција и геопросторни податоци, како и до критични ресурси што го хранат производството на оружје. Ова ги вклучува призводи од странски добавувачи, меѓу кои и од Кина и Индија, рече Калас. 

Високата претставника на ЕУ додаде дека покрај водењето војна во Украина, руските сили продолжуваат и да одземаат украински деца од нивните семејства и да ги депортираат во логори за превоспитување.  

„Денеска предлагаме санкции за лицата вклучени во киднапирањето и индоктринацијата на украинските деца. Исто така, за во иднина го олеснуваме усвојувањето санкции кон лица и организации вклучени во овие гнасни дела“, потенцира Калас. 

Таа нагласи дека Европа сака мир за Украина, но и покрај нејзините дипломатски напори, Русија само ја интензивира својата агресија, а сега ги нарушува и границите на Европската Унија.  

„Лишувањето на Москва од средствата за водење војна е од суштинско значење за да се стави крај на оваа војна и да се заштити безбедноста на нашиот континент. Руската агресија не може да продолжи неконтролирано. Нашата порака е јасна: Заедно со воената поддршка за Украина, ќе го интензивираме притисокот врз Русија со се построги санкции се додека Русија не прифати вистински, праведен и траен мир“, додаде Калас во изјавата по повод предложениот 19-та пакет санкции кон Русија од страна на Европската комисија.

Зачлени се на нашиот е-билтен