Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, ги предупреди западните лидери дека притисокот врз Украина да ѝ предаде делови од својата територија на Русија е стапица во која ги вовлекува Путин.
Калас во интервју за Би-Би-Си рече дека дозволувањето на Русија да ги задржи украинските територии како дел од мировниот план е стапица во која рускиот претседател Владимир Путин сака да влезат.
Тоа беше нејзино прво интервју со британски медиум откако европските лидери се придружија на мировните разговори на американскиот претседател Доналд Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа.

Украина упорно ја отфрлаше можноста за предавање на Донбас на Кремљ во замена за мир, иако американскиот претседател Доналд Трамп ја нагласи потребата од „размена на територии“.
Калас долго зборуваше за „кредибилни и силни“ безбедносни гаранции за Украина, објавува Би-Би-Си.
Таа призна дека нема многу конкретни чекори за силите за одвраќање во оваа фаза од преговорите.
„Најсилната безбедносна гаранција е силна украинска армија“, рече таа и ја нагласи важноста на воспоставувањето гаранции, кои не се само на хартија.

Таа рече дека на земјите-членки на „коалицијата на оние што се волни“ е да утврдат точно како можат да придонесат и дека сè уште не е јасно под кој мандат би дејствувале нивните сили.
Лидерите на клучните земји од ЕУ, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија и Финска, му се придружија на украинскиот претседател Володимир Зеленски на разговори во Белата куќа минатата недела, неколку дена откако Трамп го пречека Путин во воена база во Алјаска.