Камерниот оркестар на Националната опера и балет ќе одржи концерт во познатата „Ehrbar Saal“ (Почесна сала) во Виена, Австрија, на 8 октомври 2024 година.
Овој исклучителен концерт претставува значаен момент за македонската култура и музика, нудејќи на меѓународната сцена дела од еминентни македонски композитори.
Под диригентската палка на италијанскиот маестро Џанлука Мартиненги, публиката ќе има можност да ужива во богатата музичка програма, во која, меѓу другото, ќе се изведуваат и композиции од Ристо Аврамовски, Благој Цанев, Драган Шуплевски и Дамир Имери.
Специјална гостинка на вечерта ќе биде истакнатата пијанистка Горјана Стојановска, чиј виртуозен настап дополнително ќе го збогати овој културен настан.Овој концерт претставува уникатна можност да се слушне македонската музика на едно од најпрестижните места во Виена, продолжувајќи ја традицијата на меѓукултурната размена и промоција на македонската уметност во светот.
Ги покануваме сите љубители на класичната музика и македонската култура да ни се придружат на овој незаборавен настан.