Кампањата почнува на полноќ: 20 дена за одлука

Од полноќ стартува 20-дневната кампања за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври, со втор круг на 2 ноември. Формално, календарот е јасен, бројките уште повеќе: Државната изборна комисија го заклучи избирачкиот список на 1.832.415 гласачи, распиша 3.480 избирачки места, а буџетот за целиот процес тежи 9,76 милиони евра, од кои две третини одат за медиумите и платеното политичко рекламирање. На терен ќе се натпреваруваат 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за општински совети, со вкупно 10.490 кандидати — изборен „каталог“ кој, ако се суди по квантитет, ветува жива кампања во секоја урбана и рурална заедница. Но зад чистите бројки стои неколкугодишна дебата за рамноправноста на трката и институционалната архитектура што ги дочека овие избори.

Првиот испит на зрелоста е самиот распоред на кампањата. Дваесет дена се мал простор да се разговара за долги проблеми: водоводи и канализации, локална економија, јавен превоз, отпад, урбанизам. Дури и кога партиите и независните кандидати би имале подготвени програми со рокови и буџети, медиумскиот простор — финансиран значајно и со јавни пари — традиционално се претвора во арена за навреди, нумерирани клипови и меѓусебно дискредитирање. Во таа смисла, големата сума за реклами во буџетот не е сами по себе гаранција за квалитет на кампањата, туку ризик да се потврди стариот шаблон на скапа, а празна симболика.

Вториот, далеку посуштински испит е составот и легитимноста на советите кои треба да произлезат од гласањето. Дел од општините ќе одат на избори со намален број советници, по одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка за владината одлука за кратење на составите. Аргументот за рационализација и ефикасност звучи привлечно во време на тесни локални буџети, но е прашање дали токму во систем со слаба контрола врз извршната власт се кратат вистинските трошоци. Советот не е трошок, туку противтежа на градоначалникот: што е помал, толку е поголем ризикот од механичко мнозинство и „брзо“ носење одлуки без расправа и јавен надзор. Тоа е политичка сметка која ќе се плаќа во наредните четири години — со урбанистички планови, комунални давачки и тендери што поминуваат за една седница.

Скопје, како и обично, ќе биде главниот театар. Осумнаесет кандидати за градоначалник и дваесет советнички листи ветуваат шарен плуралитет, но метрополата одамна покажува дека множеството имиња не значи и множење на идеи. Градскиот превоз, квалитетот на воздухот, депониите и урбаната хаосологија не се решаваат со амблеми и броеви на ливчето, туку со јасни, мерливи политики и рокови. Токму затоа ќе биде важен не само резултатот, туку и тонот на оваа кратка кампања: дали ќе слушнеме планови со експлицитни буџети, или повторно ќе потонеме во „големи ветувања“ што се распаѓаат на првиот дневно-политички судир.

На национално ниво, распоредот на учесници е веќе кодиран на гласачките ливчиња по ждрепка: најголемите блокови ги добија своите бројки и позиции, што ќе влијае врз препознатливоста во етерот и на терен. Но ниту редоследот, ниту големината на рекламниот колач не можат да ја заменат клучната работа на локалната демократија: кандидатите да објаснат како ќе ги трошат општинските пари, што ќе градат и што ќе стопираат, како ќе ги намалат долговите и како ќе ги вратат основните услуги во ред. Во следните дваесет дена токму тие одговори — а не слоганите — треба да бидат мерната единица за зрелост.

Зачлени се на нашиот е-билтен