Со одлука на Панамериканската здравствена организација – ПАХО , Канада по речиси три децении го изгуби статусот на земја каде што сипаниците се искоренети, објави денеска Канадската агенција за јавно здравје.
Британските медиуми објавија дека ПАХО и го поништи овој статус на Канада поради нејзиниот неуспех во текот на изминатата година да ја спречи епидемијата на оваа заразна болест.
Канадските здравствени експерти минатиот месец објавија дека Панамериканската здравствена организација ќе го повлече статусот на Канада како земја каде што сипаниците се искоренети бидејќи биле регистрирани повеќе од 5.000 случаи на мали сипаници во девет од 10 провинции и една северна територија.
„Иако преносот на оваа инфекција неодамна се забави, епидемијата траеше повеќе од 12 месеци, првенствено во заедниците каде што не беа вакцинирани потребниот број луѓе. ПАХО ја информираше Агенцијата за јавно здравје на Канада дека земјата повеќе нема статус на земја во која се искоренети малите сипаници“, се наведува во официјалното соопштение, додавајќи дека Агенцијата ќе се фокусира на подобрување и унапредување на процесот на масовно вакцинирање.
Се смета дека падот на стапката на вакцинација во некои делови од Канада претходел на новата епидемија и ширењето на инфекција што може ефикасно да се спречи со имунизација.
Од избувнувањето на пандемијата Ковид-19, сè поголем број луѓе се скептични и недоверливи кон вакцините.

