Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Канада го одложи воведувањето на можноста за евтаназија на ментално болни лица

 Канадската влада одлучи да го одложи воведувањето на можноста за евтанзазија на ментално болни луѓе што требаше да почне во март годинава.

Министерот за здравство Марк Холанд и министерот за правда Ариф Варани соопштија дека оваа мерка засега ќе биде одложена, откако специјалната парламентарна комисија заклучи дека земјата нема доволно ресурси за да изврши ваков вид евтаназија, објави „Њујорк Тајмс“. Во Канада има недостиг од лекари, особено психијатри, кои треба да проценат и да им помогнат на пациентите со ментална болест кои сакаат да го завршат својот живот, се вели во конечниот извештај на комисијата, пренесува БТА.

– Системот мора да биде подготвен за ова и ние треба да го постигнеме тоа на вистински начин. Од разговорите што ги имавме, стана јасно дека системот не е подготвен и дека ни треба повеќе време, истакнаа двајцата министри.

Не посочија во која временска рамка се очекува да бидат создадени неопходните услови за воведување евтаназија за ментално болните лица.

Канада веќе нуди медицински потпомогната смрт за лица во терминална фаза и хронично болни, но планот за проширување на програмата за вклучување на лица со ментална болест предизвика поделби во општеството, забележува „Њујорк Тајмс“.

Многу психијатри велат дека планот ќе ги поткопа напорите за спречување самоубиства. Покрај тоа, тие стравуваат дека пациентите со сложени проблеми ќе се откажат од третман кој може да даде резултати години подоцна и претпочитаат да се подложат на евтаназија.

Според некои критичари, овие идеи се последица на неможноста на канадскиот здравствен систем да обезбеди соодветна психијатриска грижа, бидејќи оваа област на здравствена заштита е засегната од хроничниот недостиг на финансии и персонал.

Недостигот од здравствени работници ги погодува и големите болници и центрите за примарна здравствена заштита.

Според канадскиот институт за здравствени информации, во 2021 година во земјата работеле 93.998 лекари, што значи дека 2.46 специјалисти се грижеле за здравјето на секои 1.000 луѓе. Според друго истражување од 2021 година во Канада, 22% од испитаниците рекле дека немаат матичен лекар или медицинска сестра со која би можеле да се консултираат.

Откако Канада ја легализираше евтаназијата во 2016 година, околу 44.958 Канаѓани добиле дозвола за медицински потпомогната смрт поради терминални или „тешки и неповратни“ болести.

Во 2021 година, Канада усвои законски измени кои ја олеснуваат евтаназијата и веќе не се бара состојбата на пациентот да биде терминална.

Бројот на медицински потпомогнати смртни случаи во Канада значително се зголеми од 1.018 во 2016 година на 13.241 во 2022 година. Во 2022 година, канадските власти одбиле само 3,5% од писмените барања за евтаназија.

Просечната возраст на оние кои побарале медицинска помош за да го завршат животот е 77 години, а најчесто споменувана болест од оние кои сакаат да умрат е ракот.

Зачлени се на нашиот е-билтен