„Канџи врз институциите“: СДСМ прашува кога ќе реагира Обвинителството

161 тендер за една фирма. 52 тендери за друга фирма. 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени. 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Молкот испраќа порака дека за криминалите на власта законите не важат, велат од СДСМ

Опозициската СДСМ потсетува дека и после 50 дена од објавата на скандалите со криминални тендери, нема никаква реакција од Јавното обвинителство. Од таму велат дека Обвинителството и натаму молчи пред очигледи и алармантни податоци за сомнителни јавни набавки. Прашуваат, како е можно едни исти фирми да добиваат милионски тендери а обвинителството да молчи?

„161 тендер за една фирма. 52 тендери за друга фирма. 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени. 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Молкот испраќа порака дека за криминалите на власта законите не важат, а институциите се неми и под целосна контрола“, пишува во партиското соопштение.

Според нив, немањето реакција, е очигледен знак дека Мицкоски, во свои канџи, ги ставил речиси сите институции, судството, обвинителството, ‘и не само што му се под контрола туку им дели и задачи од собраниската говорница’.

„Дали сега на сите им е јасна неговата „борба“ против корупцијата“, прашува опозициската партија?

Од таму додаваат дека СДСМ ќе ја продолжи борбата против криминалот и корупцијата на власта и дека за тоа ‘сите ќе одговараат, бидејќи работата не е завршена’.

Зачлени се на нашиот е-билтен