Кандидатот на Трамп за функцијата во Канцеларијата за специјален совет се повлече поради расистички пораки

Пол Ингразија, кандидатот на Доналд Трамп за раководител на федералната Канцеларија за специјален совет – институција која ги штити државните службеници што пријавуваат корупција и злоупотреби – се повлече од номинацијата, откако во јавноста излегоа негови расистички пораки.

Ингразија, кој моментално работи како врска на Белата куќа во Министерството за внатрешна безбедност, беше предмет на истражувачки текст на Politico. Во него беа објавени пораки во кои тој наводно се опишува себеси како личност со „нацистички streak“ и сугерира дека Денот на Мартин Лутер Кинг треба да биде „испратен во седмиот круг на пеколот“.

Во објава на Truth Social во вторникот навечер, Ингразија напиша дека „се повлекува од сослушувањето во Сенатот, бидејќи во моментот нема доволно републиканска поддршка“.

„Ќе продолжам да му служам на претседателот Трамп и на оваа администрација за да ја направиме Америка повторно голема,“ додаде тој.

Откако поракиве станаа јавни, високи републиканци во Сенатот повикаа на повлекување на номинацијата.
Сенаторот Џон Тјун, лидерот на мнозинството, изјави:

„Мислам дека треба да се повлече. Нема да помине.“

Слично реагираше и сенаторот Рон Џонсон од Висконсин, кој рече дека „ова никогаш не требало да стигне толку далеку“.

До вторник попладне, најмалку пет републикански сенатори изјавиле за Washington Post дека нема да ја поддржат неговата номинација. Со тоа, Ингразија би можел да загуби мнозинство дури и во комитетот за внатрешна безбедност, каде републиканците имаат само едно место повеќе од демократите. Демократите, пак, најавија дека ќе гласаат едногласно против.

Адвокатот тврди дека пораките се „сатиричен хумор“

Адвокатот на Ингразија, Едвард Палцик, ја доведе во прашање автентичноста на пораките, сугерирајќи дека можеби се создадени со вештачка интелигенција. Тој рече дека пораките биле „самоиронични“ и дека неговиот клиент е „најмалку што може да биде од неонацист“.

Ова не е првпат Ингразија да се најде во центар на контроверзија. Според претходен извештај на Politico, тој бил предмет на внатрешна истрага во Министерството за внатрешна безбедност, поради инцидент во кој наводно ѝ ја откажал хотелската резервација на колешка и предложил да делат соба за време на службено патување. Жената подоцна поднела, па ја повлекла својата жалба.

Недоволно искуство и контроверзии од старт

Номинацијата на Ингразија беше предложена во јуни. Со тоа, 30-годишниот адвокат, кој е член на Њујоршката адвокатска комора само од минатата година, требаше да раководи со институција што традиционално ја водат непартиски и искусни правници со долгогодишна кариера во јавната служба.

Со неговото повлекување, администрацијата на Трамп останува без кандидат за една од клучните институции задолжени за заштита на јавниот интегритет и државните службеници кои откриваат злоупотреби.

Извор: The Guardian

Зачлени се на нашиот е-билтен