Веб-страницата на албанскиот парламент и две компании, мобилната „One Albania“ и „Ер Албанија“ вчера беа хакирани а одговорноста за овие кибер-напади ја презеде иранската група „Татковинска правда“, која испратила и порака преку „Телеграм“ во која вели дека „ќе платат оние што зазеле пратенички места во Собранието“.
Еден од најпознатите албански експерти од областа на криминалистиката, Ервин Карамучо, денеска гостувајќи во емисија на abcnews.al, изјави дека овие податоци може да се купат со Биткоин.
– Поминаа 24 часа, имаме хакирана телефонска компанија, авиокомпанија и Собранието на Албанија. Најголема штета има телекомуникациската и авиокомпанијата, бидејќи таму се податоците. Со ова имаат многу податоци кои ни ги украдоа за една година. Овие податоци почнаа да се купуваат со биткоин од криминални групи, некои да се ставаат на сервери во камери кои имаат надзор на територии. Базата на податоци, задно со камери, сега на пазарот е 300 илјади евра, оценува тој.
Понатаму, Карамучо поткрена сомнеж дека овие напади не можеле да бидат извршени од Иранци, туку од ИТ групи кои се контролираат од криминални групи.
– Иранците тврдат дека дошле од кампот на МЕК и сè уште нема докази дека нападите биле направени со тие компјутери. Овде мора да има друга група за која не знаеме, која ги користи Иранците и прави бескорисни махинации, рече Карамучо.
Минатата година, во јули и септември, иранската група „Татковинска правда“ ги хакираше владините системи, вклучително и на МВР, албанската тајна служба, па дури и електронските пошти на премиерот Еди Рама и на повеќе министри и високи полициски функционери.