Со монодрамата „Кармен“, Драмски театар Скопје на 24 октомври ќе учествува на 17. Меѓународен театарски фестивал ЕТХОС Анкара 2025. Фестивалот се одржува од 16 до 26 октомври во главниот град на Турција. Годинава под мотото „Градот и театарот“ на фестивалот ќе учествуваат театарски уметници, амбасадори на културата, претставници на центри за култура и членови на граѓанските и невладини организаци од над 20 земји. Публиката ќе може да ги следи театарските претстави и останатите фестивалски настани на повеќе сцени низ Анкара.
Драмски театар Скопје со монодрамата „Кармен“ во која ликот на Кармен го игра Биљана Драгичевиќ – Пројковска, учествувал на десетина меѓународни фестивали и тоа во Грузија, Молдавија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Албанија како и на десетина гостувања во нашата земја.
Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.
Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија.