Билал Касами, кандидатот на коалицијата „Вреди“ за градоначалник на Тетово, јавноста ја внесе во нов баланс пред вториот изборен круг. По бурните реакции околу неговата порака за Кичево, Касами сега вели: не може да даде поддршка за кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари – иако е Албанец – затоа што, како што тврди, „му наштети на Кичево“.
Ова е важен заокрет. Во првиот бран изјави, Касами беше претставен како некој што бара градоначалник Албанец во Кичево по секоја цена. По реакцијата, па и шпекулациите дека бил „искараан“ од премиерот Христијан Мицкоски, тој вели дека тоа е лажно читање: „не сметам дека имаше дисциплинирање… изјавата беше искрена, но политички погрешно интерпретирана“ и, вели, свесно извртена за да се отвори етничка карта во кампањата.
Со други зборови, Касами се обидува да го смени наративот од етнички во морален. Неговата линија сега гласи вака: да, принципијално мислам дека Албанец може да биде добар градоначалник во било кој град, вклучително и Кичево, но не секој Албанец. „Не можам да застанам во поддршка на еден кандидат кој му наштети на Кичево,“ рече тој, повикувајќи се директно на минатото на Фатмир Дехари како градоначалник. Според Касами, Дехари „не им донесе ниту едно добро на кичевци“ и е обременет со „снимки и прислушувања“ што, тврди тој, зборуваат за нарушени морални стандарди.
Ова е удар кон ДУИ, но и порака до албанското гласачко тело: етничката припадност не е автоматски легитимација. Касами дури изјави дека ДУИ „уште кога го извади Дехари, го извади за да го изгуби Кичево“, со што ја обвинува владината партија дека свесно нуди слаб кандидат, а потоа ја претвора целата трка во етничко прашање со надеж да го дисциплинира албанскиот електорат.
Но има и втор план. Касами вака си ја брани и сопствената позиција во Тетово. Тој се обидува да се прикаже како градоначалник кој работел за „Албанци, Македонци, Турци, Роми – за сите“, опишувајќи го Тетово како космополитски град и себе како кандидат што не владее етнички, туку граѓански. „Додека сум градоначалник на Тетово, за мене сите граѓани се исти“, изјави, потенцирајќи дека инфраструктурните проекти и услугите биле за сите, а не само за своја етничка база.
Оваа формула не е случајна. Во втор круг, особено во места каде што албанските партии меќусебно се кршат, секој глас од „другата заедница“ станува злато. Ако наративот остане чисто албански против албански, тогаш секој противник на ДУИ мора да се натпреварува со ДУИ на нејзина територија: национална реторика, знамена, лојалност. Ако, пак, наративот се претвори во: „јас сум практичен, тој е компромитиран“, тогаш борбата станува локална и лична, а не етничка. Така Касами се позиционира како анти-ДУИ кандидат со кредибилитет кај повеќе групи паралелно, не само кај албанските гласачи.
Интересно е што во оваа реторика Кичево станува пример за распаднат локален модел. Касами директно тврди дека „половина од Кичево е надвор од градот и од општината“ – т.е. луѓето заминале – токму поради начинот на кој се управувало со градот. Така тој ја претвора критиката кон Дехари во приказна за економска и социјална депопулација, не само за корупција или клиентелизам.
