Катастрофа на Дунав: Гори брод со 4.000 тони гас (ВИДЕО)

„Ако експлодираат 4.000 тони течен гас… сè ќе експлодира. Можете да замислите какви размери би имала оваа експлозија“, рече градоначалникот на општината, Тудор Чернега

Бродот со 4.000 тони гас со часови гори на само неколку стотици метри од романската граница. Поради опасноста од експлозија жителите на двете населби во округот Тулча добија наредба за итна евакуација. Проценките покажуваат дека евентуална експлозија би предизвикала катастрофа во радиус од пет километри. Досега, повеќе од стотина селани ги напуштиле своите домови, иако дел од населението се противи на заминувањето.

Во текот на изминатата ноќ, Русија интензивно го бомбардираше украинското пристаниште Исмаил, а еден дрон погоди брод што транспортирал течен гас. Бродот гори веќе 18 часа и, според предупредувањата на властите, може да експлодира во секој момент. Градот Плауру во делтата на Дунав е на само 300 метри од бродот.

„Ако експлодираат 4.000 тони течен гас… сè ќе експлодира. Можете да замислите какви размери би имала оваа експлозија“, рече градоначалникот на општината, Тудор Чернега.

Раководителот на Инспекторатот за вонредни ситуации во Тулка, Даниел Петров, истакнува дека радиусот на загрозеното подрачје е околу пет километри и дека е потребно да се евакуираат помеѓу 250 и 300 луѓе.

Повеќе од сто полицајци, жандарми и пожарникари беа испратени во загрозеното подрачје за да ги убедат мештаните да ги напуштат своите домови. Општинските службеници, па дури и селскиот свештеник, исто така се вклучени во операцијата за известување, но некои жители одбиваат да се евакуираат.

„Не одам! Што и да се случи, не го напуштам мојот двор“, рече една мештанка.

Властите нагласуваат дека безбедноста на граѓаните е на прво место и дека оние што ќе се согласат ќе бидат префрлени во Тулка и привремено сместени во интернати.

„Има луѓе кои едноставно не сакаат да заминат, но ќе мора многу сериозно да им објасниме дека нема шеги“, велат службите.

Евакуацијата е дополнително комплицирана од лошиот, неасфалтиран пат 222N, кој ја поврзува Тулка со населбите Чаталкиој и Плауру.

„Дојдовме во ситуација каде што мора да евакуираме луѓе, а патот до Плаур е дупка до дупка“, вели Чернега.

Евакуацијата е спроведена и во Исмаил, Украина, каде што украинските пожарникари се обидуваат да го изгаснат пожарот. Најголемата опасност, како што предупредуваат експертите, е испарувањето на гасот, што брзо ја зголемува можноста за експлозија.

„Тоа нема да ја блокира пловидбата по Дунав, но во таа зона сигурно би владеел целосен хаос“, вели претседател на Синдикатот на слободни морнари на Романија, Адриан Михалчоиу.

Зачлени се на нашиот е-билтен