Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Казина и обложувалници на најмалку 500 метри од училиштата – усвоен законот за игри на среќа

Собранието денеска ги усвои измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во кој, меѓу другото, се предвидува објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта.

Опозицијата побара точката да се тргне од дневен ред на денешната седница, а откако не беше овозможено ја напушти салата. Па така, од 61 присутен, 55 кренаа рака за законот за игри на среќа.

Со измените на Законот, цената за една лиценца за обложувалница ќе порасне од 105 илјади на 200 илјади евра. Со измените се предвидува автомат клубовите сега да плаќаат за лиценца која ќе чини 100 илјади евра, наместо 78.750 евра. Таа, ќе биде ограничена на три деловни простории за кои автомат клубовите ќе треба да плаќаат надоместок во износ од 30.000 евра.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) претходно организираа протест пред законодавниот дом изразувајќи го револтот предлог-законот со тврдење дека ќе се затвори една гранка во која има илјадници вработени. Движењето „Антикоцкање“, пак, инсистираше на донесување на ваков закон заради заштита на децата.

Преземено од Мета.мк

Најново