Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ќе го решат ли нови вработувања проблемот со ИПА фондовите?

Во изминатите две години, во буџетот на ЕУ биле вратени вкупно 79 милиони евра неискористени средства, а до крајот на оваа година, постои опасност од губење на дополнителни 43 милиони евра.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска на седница на Влада го презентира извештајот за искористувањето на средствата од Европската Унија преку ИПА фондовите и ќе побара од Владата нови вработувања за јакнење на ИПА капацитетот.

    На прес-конференција пред почетокот на седницата, тој рече дека „ургентна“ е потребата од комплетирање на ИПА структурата, бидејќи, како што рече, постои значителен недостаток на доволен број, но и квалификуван персонал во националната ИПА структура, поради „високата флуктуација на обучени ИПА професионалци кои често се привлечени од приватниот сектор“.

    – Ќе и предложам на Владата да се разгледаат плановите за вработувања во ИПА структурата, која оваа структура ги изработува согласно европските правила и добри практики и ќе предложам приоретизација на вработувањата на линиските министерства, како што се Финансии, Транспорт, Животна средина и просто планирање, Економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, но и јавните претпријатија кои ќе спроведуваат инфраструктурни проекти, рече Муртезани.

    Прашан зошто Министерството се одлучува на ваков чекор, знаејќи дека Европската комисија во неколку наврати негативно ја нотира превработеноста во јавната администрација, Муртезани вели доколку не се зајакне инфраструктурата со професионални кадри, земјава само ќе има пристап до европските средства, но нема да може да ги апсорбира.

    Европската комисија е јасна во својот извештај, која е домашната задача на Македонија во врска со ИПА-кадарот, не нови вработувања, туку обуки и мотивација за задржување на постоечките кадри преку финансиски надомест за да се спречи одливот во приватниот сектор.

    „Земјата треба да го унапреди својот институционален, административен и технички капацитет за да управува со фондовите на ЕУ преку усвојување генерална политика за задржување на кадарот, зајакнување на капацитетите, подобрувања во спроведувањето на ревизорските и ЕУ препораките, стои во извештајот.

    Ако е за некаква утеха, тешкотии да се задржи ИПА-кадарот имаат сите земји кандидатки за членство. Затоа на пример со ИПАРД 3 програма, ЕУ реши дел од парите од европските фондови да можат да се употребат и за зголемување на платите за административците кои работат во ИПА-структурата. Но, и тоа е џабе, бидејќи ако не се сменат законите за администрација, ИПА-службениците едноставно не може, законски, да земаат поголема плата од нивните колеги.

    Муртезани не сакаше да прецизира во кои структури на ИПА ќе бидат новите вработувања, ниту за колкав број станува збор. Вели ќе треба да се зајакне целата ИПА структура во сите министерства, како и во општините.

    Најново