Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ќе го снема „кешот“ – Граѓаните сѐ повеќе се одлучуваат да плаќаат електронски

Податоците на Народната банка за платежната статистика за вториот квартал од 2024 година, покажуваат тренд на натамошна засилена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од страна на граѓаните, како при употребата на платежните картички, така и при употребата на решенијата за мобилно плаќање при електронско иницирање на кредитните трансфери, односно платните налози.

Во вториот квартал од 2024 година, е забележан значителен годишен пораст во бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во домашната трговија, со картички издадени од местните даватели на платежни услуги, од 17,2% и 16,2% соодветно. Овој раст на платежните трансакции претежно произлегува од зголемувањето на плаќањата преку е-трговија за 21,8%, и од растот на плаќањата преку ПОС уредите за 16,8%, извести Народната банка.

Забележан е годишен пораст во плаќањата на граѓаните преку платни налози, особено во бројот на платежни трансакции со 9,4%, и помал пораст од 0,9% во вредноста на реализираните трансакции, со продолжена зголемена употреба на дигитални канали за иницирање на плаќањата.

Во вториот квартал од оваа година, бројот на платежни трансакции извршени преку мобилни апликации е зголемен за 44,3% во споредба со истиот период лани, додека трансакциите преку онлајн банкарство бележат раст од 12,6%. Граѓаните користеле апликации за мобилно плаќање за 63,7% од вкупниот број на електронски иницирани платни налози, што покажува дека се повеќе се определуваат за овие побрзи и поедноставни методи за плаќање.

Зачлени се на нашиот е-билтен