Според најновите податоци од Земјоделскиот пазарен информативен систем на Министерството за земјоделство, најевтина е зелката во Кичево и Крушево, додека низ скопските пазари се движи од 50-60 денари. Најскапата зелка се продава на пазарот во Берово каде што достигна цена од 80 денари.
Цените предизвикаа масовни негодувања меѓу купувачите, особено пензионерите, кои се најпогодени од овој тренд.
„Ова е веќе претеризам. Секогаш сум си ја купувал зелката наесен за да ја ставам за зимница, ама оваа година е многу тешко да се одделат толку пари. Имам 16.000 денари пензија, а од тие пари морам да издвојам за сметки, лекови и за сè друго. Од каде да најдам толку пари за зелка? Мора да најдеме алтернатива, ама веќе ништо не е евтино“, реагираат граѓаните.
Ситуацијата со цените на пазарите не е нова. Цените на речиси сите земјоделски производи драстично пораснаа, а зелката, како една од клучните состојки во македонската исхрана, стана симбол на тековната економска криза.
И пазарџиите укажуваат дека интересот за купување зелка е намален.
„Луѓето се жалат. Некои доаѓаат, го гледаат производот и се враќаат назад. Не можат да си дозволат да платат толку многу, а и ние не можеме да продаваме по пониски цени. Ќе видиме што ќе се случи, но изгледа зимата ќе биде тешка за сите“, велата продавачите на пазарите.