Ќе ја преживее ли „Гоце Делчев” реформата на лектирите?

„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески преминува од задолжителна во изборна лектира, а заедно со него се трга и збирката поезија „Убави зборови“ од Иван Џепароски. На нивно место се додава делото „За копчето и за среќата“ од Јасминка Петровиќ.

Овој предлог, бидејќи новиот список е во фаза на јавна расправа, „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески да премине од задолжителна во изборна лектира, го свртува вниманието затоа што оваа книга која веќе неколку десеттици години беше задолжителен наслов, сега им се препушта на изборот на учениците. Оттаму прашање е дали воопшто некој ќе ја избере оваа книга за најзначајната личност на македонското револуционерно дело Гоце Делчев. Дилемата произлегува и од тоа што точно значи „изборна лектира“. Само по себе „изборна“, на учениците може да им звучи помалку важна, но и прашање е дали во обработката на лектирата наставниците ќе имаат ист пристап, ангажиран и методолошки сеопфатен, како и за задолжителните наслови.

Секако, јавната расправа се очекува да даде одговори и на овие дилеми, но прашањето останува: Ќе ја преживее ли „Гоце Делчев” реформата на лектирите?

Инаку, во новиот предлог-список за задолжителна лектира, кој Бирото за развој на образованието го подготви по шест години, се забележуваат значајни промени во речиси сите одделенија од основното образование. Целта на овие промени е да се направи списокот поразновиден, современ и поблизок до интересите на денешните ученици, при што изборните списоци истовремено се прошируваат, давајќи им на наставниците и учениците многу поголем избор.

Зошто се прави оваа промена?

Наставниците и експертите забележуваат дека денешните ученици сè помалку читаат долги книжевни дела и често се одлучуваат за кратки содржини, англиски текстови, содржини на интернет и социјални мрежи. Според нив, училиштето денес честопати е место каде се проверува граматиката, но не и мислата, а се губи слободата да се размислува, да се дебатира и да се зборува.

Целта на новиот список не е да се „избришат старите книги“, туку да се најде рамнотежа помеѓу книжевната вредност на делата и современата чувствителност на учениците. Ако им се понудат приказни блиски до нивниот свет и јазик, шансата за враќање на љубовта кон книгата е многу поголема.

Наставниците истакнуваат дека успехот нема да зависи само од тоа кои книги се на списокот, туку од тоа како тие ќе се обработуваат на часовите. Правилната подготовка, дискусиите и поврзувањето со секојдневниот живот на учениците се клучни за развој на критичкото мислење, разбирањето на нијансите на јазикот и способноста за комуникација.

Кои книги се изземаат, а кои се додаваат?

  • Второ одделение: „Сказни“ од браќата Грим преминува од задолжителна во изборна лектира.
  • Трето одделение: На задолжителната листа се додава „Орхан“ од Неџати Зеќирија.
  • Четврто одделение: Постојните задолжителни три дела – „Петар Пан“, „Сказна за детето Вилен“ и „Итар Пејо“ – се заменуваат со:
    • „Бајки од Македонија“ од Билјана Црвенковска
    • „Безборовната Ела“ од Викторија Патрашку
    • „Волшебникот од Оз“ од Лиман Франк Баум
  • Петто одделение: „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески преминува од задолжителна во изборна лектира, а заедно со него се трга и збирката поезија „Убави зборови“ од Иван Џепроски. На нивно место се додава делото „За копчето и за среќата“ од Јасминка Петровиќ.
  • Шесто одделение: Се изземаат од задолжителни и преминуваат во изборни „Белото циганче“ од Видое Подгорец и „Црни и жолти“ од Славко Јаневски, а се додава „Матилда“ од Роалд Дал.
  • Седмо одделение: Останува само „Силјан Штркот“ како задолжително, а се додаваат „Приказна за Доктор Дулитл“ од Хју Лофтинг, „Без зборови“ од Џенифер Мук Сенг и „Авантурите на Том Соер“ од Марк Твен. Истовремено во изборни преминуваат „20.000 илјади под морето“ од Жил Верн, „Збунети години“ од Велко Неделковски и „Перуновата стрела“.
  • Осмо одделение:„Александра“ од Томе Арсовски, „Дневникот на Ана Франк“ и „Бегалка“ од Васил Иљоски одат во изборни од задолжителни а се додаваат „Марта“ од Горјан Петревски, „Мио, мој Мио“ од Астрид Линдгрен и „Емил и детективите“ од Ерих Кестнер.
  • Деветто одделение: Од списокот на задолжителни се бришат„Автобиографија“ од Григор Прличев и антологијата „Црни овци“, а се додаваат „Застани на небото“ од Ерин Боу, „Дневникот на Ана Франк“, „Повик на дивината“ од Џек Лондон и „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери.

Што се очекува со овие промени?

Со воведувањето на нови и поразновидни наслови се очекува:

  • Да се врати интересот на учениците за читање, со дела блиски до нивниот живот и јазик.
  • Да се поттикне критичко размислување и дебата на часовите.
  • Да се комбинираат класичната книжевност и современите теми, така што учениците ќе можат да се идентификуваат со приказните.
  • Да се овозможи поширок избор на книги, особено преку изборните списоци, кои значително се прошируваат.

Како што истакнуваат наставниците и издавачите, само со активна работа на часовите и интересни наставни содржини може да се врати љубовта кон книгата – да се чита со љубопитност, а не само од обврска.

Зачлени се на нашиот е-билтен