Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) го разгледува барањето за зголемување на цените од енергетските компании, но конечната одлука за новата цена на струјата сè уште не е донесена. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, посочи дека доставените пресметки од компаниите се високи и за Комисијата неприфатливи.
Според информациите, операторот МЕМО побарал зголемување од речиси 80%, а МЕПСО за 50%. Бислимовски вели дека овие бројки се само дел од факторите кои ќе ја одредат финалната цена. Одлуката ќе зависи и од понудената цена од ЕСМ на тендерот за ЕВН Хоум и од трошоците за покривање на загубите на електрична енергија.
„Голем број на мали потрошувачи се враќаат на слободниот пазар, што создава притисок врз цената. Сепак, сè уште немаме податоци за цените по кои ќе се купуваат загубите,“ рече Бислимовски.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата се грижи за стандардот на граѓаните и не очекува поскапување од 1-ви јануари. Тој нагласи дека во план не се мерки за субвенционирање на сметките, какви што имаше претходно.
„Ние заедно со граѓаните работиме за да го зачуваме стандардот и не очекувам зголемување на цената,“ рече Мицкоски.
Додека одлуката за новата цена се очекува до крајот на годинава, засега останува евтината тарифа од 13 до 15 часот во денот, од 22 до 7 часот наутро и недела во текот на целиот ден.