Министерката за образование и наука Весна Јаневска најавува оптимизација на училиштата со стратегија за едносменска настава, подолг престој на учениците и на наставниците во училиштата и целодневна настава. Со оваа оптимизација, како што вели Јаневска, бенефит ќе имаат учениците, но ќе се рационализраат и трошоците.
Наставниците што ќе бидат вишок со оваа оптимизација, Јаневска вели дека ќе се искористат за учениците да стекнуваат повеќе знаења по завршување на наставата.
-Со оглед на тоа што се случува со нашата демографија, масовното иселување на нашето население надвор од земјата, веќе се појавува таканаречен вишок на наставници иако лично сметам дека наставник не може да биде вишок. Ние само треба да ги направиме функционални. Затоа владата уште во предизборната програма направи цела стратегија како наставниците што ги имаме да ги направиме функционални за да останат во образовниот процес. Стратегијата е едносменското работење, подолгиот престој на учениците и на наставниците во училиштата и целодневната настава која се покажала како многу ефикасна во повеќе земји“, рече Јаневска по денешната панел-дискусија „Образование водено од реалните потреби на учениците“.
Јаневска вели дека кога ќе бидат направени нормални паралелки со 20 ученици, наставникот што е вишок ќе продолжи да работи во втората половина од денот според програмата на училиштата.
„Тоа опфаќа многу додатни предмети, изборни, воннаставни активности, други наставни активности, работа со деца што имаат потешкотии со учењето, работа со талентирани деца, дополнителна и додатна настава, општествено корисни работи. Идејата е дека целиот фонд на наставници треба да го искористиме за учениците да стекнуваат подобри знаења“, рече таа.
Исто така, како можност која ќе им се понуди на наставниците Јаневска рече дека ќе биде и тие да се префрлат на работа во одредени институции што се со слаби човечки капацитети, како Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование.
-Ќе им понудиме на наставниците, откако ќе направиме мали измени во законите, да се префрлат во овие институции за да може да дадат свој импакт на образованието, односно да го пренесат своето искуство и знаење на оние наставници на кои им требаат обуки и помош. Процесот е огромен и комплициран, но заедно со нашите странски партнери имаме енергија и волја да направиме нешто за целокупното образование да се подобри, додаде министерката.
Со проектот за оптимизација на училиштата, Јаневска рече дека очекува силен ефект во подобрување на знаењето на учениците.
-Училиштата што имаат две, три или десет деца ќе треба учениците да се припојат на централните училишта каде има повеќе ученици за да тие имаат бенефит од образовниот систем. Прво ќе се социјализираат со ученици од своја возраст, ќе се сместат во подобри инфраструктурни услови, ќе имаат подобри информатички и технички средства за користење, ќе имаат поголем број на наставници, ќе се издвојат од сопствената средина каде се заробени по цел ден и ќе се дружат со деца каде ќе можат да развијат компетитивни способности. Тоа значи дека очекуваме овој процес да им овозможи на учениците стекнување подобри знаења, вештини и компетенции. Нема подобрување на образованието ако не се рационализираат трошоците, рече таа.
Јаневска додаде дека досега, со помош на УНИЦЕФ и Светска банка, била направена оптимизација во 10 општини, а најави дека следниот проект е уште во 20 општини.
Нејзините очекувања се дека за релативно брзо овој процес ќе може да се заокружи за да, како што рече, го видиме бенефитот.
-Се разбира дека тој не може да се направи за два, три или пет месеци. Но, никаде не брзаме. Важно е да направиме нешто што ќе биде трајно и ќе дава ефект. Крајниот продукт на образовниот систем е да имаме ученик со соодветни знаења на истата возраст како децата од ЕУ, рече Јаневска.
Јаневска денеска, одговарајќи на новинарски прашања, кажа и како ќе функционира приемот на студентите во студентските домови бидејќи дел од нив се реновираат. Таа рече дека вчера била објавена листата, а претседателот на Студентскиот сојуз е во постојана комуникација со министерството.
-Она што им го понудивме на студентите е да ги користиме капацитетите на ученичките домови кои не се пополнети. Да, супстандардни беа условите на живеење на студентите во студентските домови, рече Јаневска.