Ќе се затвори ли македонското небо? М-НАВ со итна реакција на најавите за штрајк


По најавите за можен штрајк и „затворање на небото“ на 20 и 24 октомври, од М-НАВ соопштија дека контролата на летање е дел од критичната инфраструктура и дека не смее да се прекине, бидејќи тоа директно би ја загрозило безбедноста на патниците, екипажите и воздушниот сообраќај над Македонија.

Менаџерскиот тим на М-НАВ потсетува дека го признава правото на вработените да штрајкуваат, но дека секоја ваква активност мора да биде организирана така што ќе се обезбеди доволен број контролори на летање и технички персонал за непречено управување со сообраќајот.

Од таму остро реагираат и на, како што велат, „сензационалистички и неточни најави“ кои се шират во јавноста и создаваат непотребна паника. Според нив, ширењето на дезинформации може да предизвика нестабилност во функционирањето на службите за авијација.

М-НАВ нагласува дека останува отворен за конструктивен дијалог со синдикатите и за разгледување на реалните барања на вработените, но преку официјални канали и без компромис со безбедноста.

Од компанијата апелираат до медиумите и јавноста да се воздржат од ширење непотврдени информации и уверуваат дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки за непречено и безбедно функционирање на воздушниот сообраќај.

Зачлени се на нашиот е-билтен