КИБС со лиценца за инстант плаќања – трансакции за помалку од 10 секунди, 24/7

Клириншката куќа „Клириншки интербанкарски системи“ АД Скопје (КИБС) на 17 септември 2025 година доби дозвола од Народната банка на Република Македонија за оператор на платен систем за инстант кредитни трансфери во денари, согласно Законот за платежни услуги и платни системи.

Со оваа лиценца е заокружено поставувањето на платформата „КИБС Инстант“ – централно решение за извршување инстант плаќања во земјата. Системот овозможува и канали за иницирање и прифаќање плаќања директно од крајните корисници.

Инстант плаќањата претставуваат вистинска револуција: трансфер на средства од сметка на сметка за помалку од 10 секунди, достапен 24 часа дневно, 7 дена во неделата, 365 дена во годината, без разлика дали праќачот и примачот имаат сметки во иста или различна банка.

Овој напредок ја позиционира Македонија поблиску до највисоките европски стандарди во областа на платежните системи. Придобивките се бројни – за граѓаните тоа значи удобност и брзина, за компаниите подобра ликвидност и поефикасна наплата, а за целата економија пониски трошоци и поголема дигитализација на финансиските текови.

Новиот систем е целосно усогласен со европската регулатива за инстант плаќања што стапи во сила на 9 јануари 2025 година. Така, покрај домашните инстант трансакции, КИБС во иднина ќе овозможи и поврзување со СЕПА за прекугранични плаќања во реално време.

Како водечки играч во дигиталната трансформација на финансискиот сектор во земјата, КИБС останува стабилен и доверлив партнер на банките, трезорите и другите даватели на платежни услуги, нудејќи современи решенија што го поддржуваат развојот на модерната економија.

Зачлени се на нашиот е-билтен