Кичево доби прв млекомат: свежо млеко и сирење од задругата „Крнино“ и манастирот

Во центарот на Кичево е ставен во употреба првиот млекомат за свежо млеко во Македонија. Уредот е обезбеден со средства од Европската Унија преку проектот „АгроСмарт“, што го спроведуваат Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), „Хемера“ и „ЦЕП Можности“.

МРФП соопшти дека граѓаните на Кичево и околината добиваат модерен пристап до свежо кравјо млеко произведено од Земјоделската задруга „Крнино“, составена од членови од Манастирот „Св. Богородица Пречиста“.

„Млекото што се нуди преку млекоматот е свежо, со зачувани природни хранливи својства, без додатоци и конзерванси и во контролирани хигиенски и температурни услови. Освен млеко, потрошувачите имаат можност да купат и сирење“, изјави Станоја Станојовски од манастирот.

Според Лазар Неданоски од МРФП, млекоматот е пример за тоа како да се одвива модернизацијата на македонските фарми и осовременувањето на продажбата на локални земјоделски производи со поддршка од ЕУ. На промоцијата присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој нагласи дека модернизацијата е приоритет во програмите на Министерството.

Дел од настанот беше и посета на фармата во близина на Манастирот „Св. Богородица Пречиста“, каде е инсталирана линија за молзење крави и млекарница за производство на млечни производи.

Зачлени се на нашиот е-билтен