Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека најмалку седум земји, вклучувајќи ги Австрија, Ватикан, Швајцарија и три земји од Персискиот Залив, се подготвени да бидат домаќини на средба меѓу Зеленски и Путин, објави Ројтерс.
„Ова се сериозни предлози и претседателот Зеленски е подготвен за таква средба во секое време. Сепак, Путин продолжува да ги лаже сите нудејќи очигледно неприфатливи предлози“, објави Сибиха на својот профил на мрежата X.
Порано денес, Путин рече дека не ја исклучува можноста за средба со Зеленски и предложи средбата да се одржи во Москва.
„Ако Зеленски е подготвен за средба, нека дојде во Москва“, рече Путин, додавајќи дека „има светлина на крајот од тунелот“, пренесува РИА Новости.
Тој истакна дека ако преовлада здравиот разум, тогаш може да се постигне договор за тоа како да се заврши војната во Украина на задоволителен начин.
„Во спротивен случај, ќе мора да решиме сè со воени средства“, рече Путин и додаде дека го информирал американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да се сретне со Зеленски, пренесува Танјуг.
Тој изјави дека е можно да се постигне прифатлива опција за завршување на војната, додавајќи дека сите обиди на Русија мирно да го реши украинското прашање се осуетени.
Тој истакна дека ја гледа искрената желба на администрацијата на Трамп да го реши украинскиот конфликт и го нарече Зеленски „вршител на должноста шеф на администрацијата на Украина“.