Седум лица се повредени во ноќешниот руски напад со дронови врз Киев, соопшти утрово градоначалникот Виталиј Кличко. Петмина се хоспитализирани, а двајца се на амбулантско лекување, наведе тој во објава на „Телеграм“, пренесува „Укринформ“.
Според Кличко, падот на остатоци од беспилотни летала во киевската област Подил предизвикал пожари во три станбени згради, а ударни бранови оштетиле прозорци на повеќе домови. Државната служба за вонредни ситуации соопшти дека пожарникарите го изгаснале пожарот во еден стан од петкатница, како и запалените возила во дворот и повеќе магацински простории на неколку локации. Изгаснат е и пожар во два автомобили во двор на друга петкатница.
Во областа Десњан, дрон се урнал во 21-от кат од станбена зграда без да детонира, а на друга локација ракета погодила зграда во изградба. Низ ноќта во главниот град и во повеќе региони беше прогласена воздушна тревога поради ризик од напади со дронови, соопшти „Укринформ“.