Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кијив инсистира на меѓународна истрага за падот на рускиот Ил-76, додека Русија го користи падот на авионот за да сее незадоволство во Украина

Има војни со пукање и има војни со (дез)информациии, и страните во војната истовремено се борат и на двата фронта. За нас останатите, тоа може да го отежне утврдувањето на фактите.

Но, иако тоа е вистина и во оваа војна, како и во секоја војна, важно е да се запамети дека Русија конкретно има долга историја на дрски лаги и дезинформацииТоа беше докажано со соборувањето на малезискиот MH17 во 2014 и труењата во Солсбери со нервниот токсин Новичок, потсетува Би-би-си, кои се сепак само два големи инциденти во изминатата деценија.

Дури и целосната инвазија на Украина беше лансирана на лага: лажното тврдење дека „нацистичкиот“ режим ги става руските говорители во опасност од „геноцид“.

Тоа не значи дека секој збор од руското Министерство за одбрана и од Кремљ или од пратениците и државните медиуми пренесен и од проруските Z Телеграм канали  е невистинит. Но, тие најчесто се токму тоа, па затоа треба внимателно да се проверат пред да се пренесат.

Можеби токму затоа, Украина ќе инсистира на меѓународна истрага за ситуацијата околу падот на рускиот авион Ил-76 на 24 јануари во руската област Белгород, како што изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно видео обраќање во средата, 24 јануари, пренесува Укринформ.

Тој рече дека ги повикал министерот за одбрана Рустем Умеров, врховниот командант на вооружените сили на Украина Валериј Залужни, началникот на Генералштабот на вооружените сили Серхи Шаптала, началникот на Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана Кирило Буданов и шефот на Службата за безбедност на Украина (СБУ) Васил Малиук за извештај за состојбата со авионската несреќа и размена на воените заробеници.

„Очигледно е дека Русите се мешаат со животите на украинските заробеници, со чувствата на нивните роднини и со емоциите на нашето општество. Мора да се утврдат сите јасни факти. Колку што е можно, имајќи предвид дека авионот се урна на руска територија – надвор од наша контрола. „Факти“ е клучниот збор сега“, рече Зеленски.

Тој рече дека слушнал извештај од врховниот командант и од Генералштабот за употребата на воздухопловните сили и додаде дека украинската разузнавачка агенција ја разјаснува судбината на сите затвореници, а СБУ ги истражува сите околности.

„Му наложив на министерот за надворешни работи на Украина да им ги достави на нашите партнери информациите со кои располага Украина. Нашата држава ќе инсистира на меѓународна истрага“, рече Зеленски.

Според руските Телеграм канали, авион Ил-76, кој се користи за транспорт на опрема и војници, се урна во регионот на Белгород на 24 јануари.

Според руски извори, руското Министерство за одбрана тврди дека во авионот имало 65 украински воени заробеници, шест членови на екипажот и три придружници, додека извори од украинските вооружени сили изјавија дека овој авион носел серија ракети за противвоздушна одбрана С-300. Руската армија ги користи овие ракети за масовно гранатирање на регионот Харкив и други украински региони кои граничат со Русија.

Андриј Јусов, портпарол на украинската разузнавачка агенција, рече дека размената на затвореници меѓу Русија и Украина требаше да се случи на 24 јануари. Тој појасни дека тврдењата на руската страна дека во авионот Ил-76 би можеле да бидат украински заробеници што се урна во Белгородската област се проверуваат.

Ниту еден од деталите околу лицата во авионот не може да биде независно проверен, но военото разузнавање на Украина соопшти дека е одговорност на Русија „да ја обезбеди безбедноста на нашите бранители според постигнатите договори“.

Пред размената на затвореници планирана за 24 јануари, Русите не ја информираа украинската страна за потребата да се гарантира безбедноста на воздушниот простор во областа на градот Белгород во одредена временска рамка, како што беше постојано правено во минатото. Ова може да биде знак за намерни дејствија на Русија насочени кон создавање закана за животот и безбедноста на воените заробеници, соопшти главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина (ХУР) во објава на Телеграм, пренесува Укринформ.

Остатоци од паднатиот руски авион Ил 76 во регионот Белгород / Фото: Укринформ

Според извештајот на Институтот за проучување на војната (ISW), тинк-тенк организација со седиште во Вашингтон, Русија го користи инцидентот Ил-76 за да сее незадоволство во Украина и сомнежи на Запад за континуирана воена поддршка за Кијив.

ISW објави дека нејзините аналитичари не нудат проценка за околностите на падот на Ил-76 и не можат самостојно да ги потврдат изјавите дадени од двете страни. Во исто време, аналитичарите забележуваат дека обвинувањата на Русија дека Украина наводно соборила авион Ил-76 со украински воени затвореници во него „се наменети делумно да сеат незадоволство во Украина и да ја поттикнат недовербата кон украинската влада, што е во согласност со неколку други руски информативни напори насочени кон слабеење на Украина на домашен терен“.

Во извештајот на ISW се нагласува дека размената на заробеници е чувствително прашање и за Русија и за Украина, така што споменувањето на затворениците во извештајот очекувано предизвикува емотивна реакција на јавноста.

„Руските власти дополнително изнесоа неосновани тврдења дека Украина го погодила Ил-76 со ракетни системи обезбедени од САД или Германија, веројатно во обид да ги обесхрабрат западните партнери на Украина да и дадат на Украина критични системи за противвоздушна одбрана неопходни за континуирана одбрана на Украина“, се вели во извештајот.

Како што објави предходно Цивил Медиа, од Белата куќа вчера не можеа да ги потврдат тврдењата дека во соборениот руски товарен авион се наоѓале украински воени затвореници.

-Знаеме за тврдењата дека украински воени затвореници биле во рускиот авион Ил-76 што на 24 јануари се урна во Белгородска област, но не сме во позиција да го потврдиме тоа. Очигледно правиме сè што можеме да дојдеме до појасна слика и повеќе информации за ова, изјави вчера Џон Кирби, портпарол на Националниот совет за безбедност.

Истовремено, повеќе од 8.000 Украинци, и цивилни и воени лица, сè уште се држат во заробеништво во Русија, според украинскиот штаб за координација за третман на воени лица, кој вели дека десетици илјади други сè уште се водат како исчезнати.

Во меѓувреме, руските воздушни напади се интензивираа во последните недели. Во вторникот 18 лица загинаа, а 130 беа повредени во руските ракетните напади врз украинските градови.

Драган Мишев (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен