Кикиљас: Рекорден број на нелегални пристигнувања од Либија во јужна Грција

Нелегалните пристигнувања на мигранти во јужниот дел на Грција од Либиското море, се зголемени за 134 отсто, посочи министерот за поморство и островска политика на Грција Василис Кикиљас, во интервју за телевизијата „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Податоците покажуваат намалување од 17 отсто на мигрантските бранови во споредба со 2024 година. Сепак, морам да кажам дека има зголемување од 134 проценти на пристигнувањата од Либиското Море кон Гавдос, Крит, Касос, Родос итн., поради дестабилизацијата во Судан и граѓанската војна во Либија и околните области. За жал, една третина од брановите веќе се на југ на отворено, длабоко море, истакна Кикиљас.

Најпогоден од мигрантските бранови е малиот грчки остров Гавдос, јужно од Крит, што воедно е и најјужната точка на Европа.

Како што објави МИА во петокот, за три дена, во близина на Гавдос биле спасени 270 мигранти, а доколку се анализираат официјалните податоци и соопштенијата од крајбрежната служба на Грција од изминатата седмица, во морскиот дел кај овој мал остров, од вторникот, заклучно со вчера, биле откриени 528 мигранти. 

Зачлени се на нашиот е-билтен