Правниот советник на кинеското Министерство за надворешни работи Ма Синмин денеска побара од Меѓународниот суд на правдата во Хаг да се изјасни за израелската окупација на палестинските територии, за која посочи дека е незаконска.
– Поминаа 57 години од почетокот на израелската окупација. Нелегалната природа на окупацијата и суверенитетот над окупираните територии остануваат непроменети, истакна Ма пред судот во Хаг, кој сослушува аргументи од повеќе од 50 земји оваа недела, откако во 2022 година Генералното собрание на Обединетите нации побара Судот да даде свое необврзувачко мислење за правните последици од израелската окупација.
Сослушувањата се дел од напорите на Палестинците да ги натераат меѓународните правни институции да го истражат однесувањето на Израел, особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври и воениот одговор на израелската армија во кој загинаа најмалку 29.000 Палестинци во Појасот Газа.
Израел, кој не учествува во дискусиите, во писмен коментар рече дека мешањето на судот може да биде штетно за евентуалното постигнување договор.
Палестинските претставници во понеделникот (19 февруари) побараа од судиите да ја прогласат окупацијата на Израел за нелегална, додавајќи дека нивното мислење може да помогне да се постигне решение за две држави. Се очекува дека на судиите ќе им требаат околу шест месеци за да донесат одлука за израелската окупација.